Во областа Егиј ди Миди, во масивот Монблан, планинарите и туристите беа снимени во невообичаено топли услови за оваа надморска височина.
„Многу е жешко. Нема мраз, всушност има само снег. За почетници како мене ова е многу потешко“, рече планинарот од Франција, Франк Ервје.
Експертите и планинарските служби предупредуваат дека ваквите температури на големи надморски височини го забрзуваат топењето на снегот и глечерите, го зголемуваат ризикот од одрони на карпи и ги прават планинските патеки поопасни од вообичаеното.
„Не е лесно да се оди. Некои водичи одат, но и за нив беше тешко. Од час во час е сè полошо. Очигледно е дека температурата расте и дека оваа пукнатина се отвора. Ова е многу, многу ризично“, рече полскиот алпинист Патрик Кошчиелски.
Топлотните бранови во Алпите во последните години сè повеќе влијаат врз стабилноста на ледените области и безбедноста на планинарите.
„Поради силната жештина, дури и во текот на ноќта, снегот повеќе не замрзнува како што треба. Особено тука, на падината на Монблан ди Такул, можете да видите како ледените гребени полека се распаѓаат, особено во средниот дел. Секако, станува сè поопасно. Мораме да тргнеме порано и да се вратиме порано во планинарскиот дом“, рече планинарот Лео Мозеа од Австрија.
Масивот Монблан, вклучувајќи го и Егиј ди Миди, е една од најпосетуваните планинарски дестинации во Европа, но и една од областите најизложени на последиците од климатските промени.






