ФИФА потврди дека е соборен рекордот по вкупна посетеност на натпреварите, иако турнирот сè уште не ја мина групната фаза.
Историскиот момент беше официјализиран за време на второто полувреме од натпреварот меѓу Германија и Еквадор во Ист Радерфорд, кога беше објавено дека вкупно 3.605.357 гледачи досега присуствувале на мундијалските натпревари. Со тоа е надминат рекордот од Светското првенство во 1994 година, кога на трибините имаше речиси 3,6 милиони навивачи.
Дополнително импресионира и податокот дека просечната исполнетост на стадионите е поголема од 99 проценти, што е уште една потврда за огромниот интерес за првото Светско првенство со 48 репрезентации. Рекордот добива дополнителна тежина ако се знае дека досега се одиграни само 56 натпревари, а до крајот на шампионатот остануваат уште 48, што значи дека конечната бројка на посетители ќе биде значително повисока.
Сепак, мора да се нагласи дека никогаш досега немало толку многу натпревари и се игра на огромните американски стадиони за НФЛ.






