Пред неколку недели беше објавена првата скица од идната генерација на голф, но конкретни информации се уште има малку. Претставници на медиумите разговараа со Томас Шефер, кој потврди дека развојот е „на вистинскиот пат“, пишува Мотор1.
„Тимот работи на автомобилот. Минатата година, во ноември, го видов првиот модел во природна големина и можев само да кажам: „Уф. Тоа е толку убаво…“ Не беше конечниот модел, туку еден од прототиповите врз основа на кои се носат одлуки, но веќе на прв поглед ми изгледаше многу добро“.
Слични реакции имале и други во компанијата.
„На крајот од годината имавме состанок на вишото раководство каде што ги анализиравме резултатите и погледнавме кон иднината. Го покажавме автомобилот на сцената и сите беа импресионирани“.
Во разговор со Каи Гриниц, раководител на техничкиот развој, беше откриено дека дизајнот е речиси завршен.
„Ме потсетува на голф 4, кој беше голем чекор напред во своето време. Но, станува збор за модерен автомобил со безвременски изглед. Мислам дека на многу луѓе ќе им се допадне тоа“.

Според него, дизајнот е дефиниран до 97 проценти.
Насоката на дизајнот е јасно дефинирана, едноставна и препознатлива.
Андреас Миндт, главниот дизајнер на Фолксваген, нагласува како целта е да се создаде чист и минималистички изглед, а воедно да се зачува идентитетот на моделот.
„Голф секогаш ќе биде голф, денес или за 20 години. Сакаме дизајн кој е едноставен, јасен и препознатлив. Дури и без логото, мора да биде јасно дека станува збор за голф“.
Фолксваген планира паралелно да понуди две верзии на голф. Едната ќе биде целосно електрична, додека другата ќе остане на постоечката платформа со електрифицирани мотори, вклучувајќи плагин хибриди. Електричниот голф ќе ја користи новата ССП платформа, додека постојните модели ќе останат на архитектурата Ем-кју-би ево.
Се постави и прашањето зошто моделот фолксваген ИД.3 не го добил името голф. Шефер објаснува дека ова била опција, но на крајот била отфрлена.
„Размислувавме за тоа, многу луѓе велеа да го наречеме само голф. Но, тоа не е голф. Го подобривме, но сепак е ИД.3. Му требаше нов идентитет“.
На крајот, моделот го доби името нео, инспириран од претходен концепт.
Шефер не го крие својот оптимизам.
„Имам голема доверба во голф 9. Се развива на вистински начин. Неверојатно е колку може да се подобри автомобил за кој мислите дека веќе го достигнал својот врв“.
Тој додава дека новиот голф го крева дизајнот на сосема ново ниво. „Тимот создаде нешто што нè воодушеви сите. Без сомнение, најдобриот голф што некогаш сме го виделе“.






