Откако синоќа пристигна во Абу Даби, Рубио денес ќе се сретне зад затворени врати со претседателот на ОАЕ Мохамед бин Зајед ал-Нахјан.
Во разговор со новинарите во вторник вечерта, американскиот државен секретар посочи дека сака да разговара за меморандумот за разбирање меѓу Соединетите Американски Држави и Иран со лидерите на земјите од Заливот и повтори дека Вашингтон нема да прифати наплата за премин низ Ормускиот теснец, што причина за тензии двете земји.
„Тоа е меѓународен пловен пат. Ниту една земја не може да наплаќа такси во меѓународен пловен пат“, порача Рубио, додека Иран и Оман од друга страна го нагласуваат „својот суверенитет над нивните територијални води“.
Рубио подоцна денес ќе отпатува за Кувајт и Бахреин, каде што утре ќе учествува на состанокот на Советот за соработка во Заливот (ГЦЦ). Ова е прво патување на висок американски функционер на Блискиот Исток по потпишувањето на меморандумот за разбирање минатата недела и преговорите меѓу САД и Иран во Швајцарија.
Турнејата веројатно ќе биде деликатна со оглед на тоа што земјите од Персискиот Залив платија висока цена за американско-израелските напади врз Иран, кој возврати со беспилотни летала и балистички ракети врз американските сојузници во регионот.
Како сојузник на Вашингтон во непосредна близина на Иран, ОАЕ беа нападнати со над 2.800 ракети и беспилотни летала од почетокот на конфликтот. Кувајт и Бахреин исто така беа силно погодени.
Пред конфликтот, ОАЕ го зајакнаа своето партнерство со Вашингтон и постојано повикуваа на решавање на ракетната програма на Иран и вооружените групи поддржани од Техеран, тема што не беше вклучена во меморандумот за разбирање.
Регионалните лидери долго време одржуваа блиски врски со американскиот претседател Доналд Трамп и ветија дека ќе инвестираат милијарди долари во САД. Сепак, експертите истакнуваат дека тие најчесто морале сами да се соочат со иранската закана и се загрижени за тоа дали можат да се потпрат на САД за својата безбедност.






