среда, 24 јуни 2026

Перински: Ранковце добива нови развојни можности

Ранковце добива нови развојни можности преку европските фондови и владината поддршка, се истакнува во денешното соопштение на Министерството за локална самоуправа, по денешната работна посета на министерот Златко Перински на оваа општина и средбата со градоначалникот Даниел Павловски, членови на Советот и општинската администрација.

Објавено на

часот

Сподели

На средбата се разговарало за актуелните предизвици со кои се соочува Општина Ранковце и можностите за нивно надминување преку поддршката што ја обезбедува Министерството за локална самоуправа.

„Посебно внимание беше посветено на можностите што ги нуди Ресурсниот центар за поддршка на општините, преку кој Министерството обезбедува стручна, техничка и советодавна помош за јакнење на административните капацитети, подготовка на плански документи, подобрување на финансиското управување и унапредување на локалните услуги. На состанокот беше истакнато дека Ресурсниот центар претставува важен механизам за поддршка на општините во процесот на поефикасно извршување на нивните надлежности и реализација на развојните проекти. Во рамки на посетата, се изврши увид и во реализацијата на проектот 4Одржлив туризам во искуствена економија’, кој се спроведува во рамки на Интеррег VI-А ИПА Програмата за прекугранична соработка со Република Бугарија“, пишува во соопштението.

Како што е наведено, проектот има за цел да придонесе кон економскиот развој на прекуграничниот регион преку создавање услови за развој на четирисезонски туризам и одржливо користење на културните и природните ресурси. Вкупната вредност на проектот изнесувала 809.303 евра, додека вредноста на активностите што ги реализираат македонските партнери била 522.806 евра. Министерството за локална самоуправа обезбедувало национално кофинансирање во висина од 78.420 евра за македонските партнери.

„Посетата на Општина Ранковце, покрај тоа што ја искористив за средба со градоначалникот, советниците и администрацијата, е и можност непосредно да го видиме напредокот на проектите што се имплементираат во рамки на општината. Проектот „Одржлив туризам во искуствена економија“ претставува пример како европските средства можат да се искористат за валоризација на локалните потенцијали. Со адаптацијата на објектите во селата Петралица и Отошница се создаваат нови содржини што ќе придонесат за зачувување на традицијата, развој на туризмот и отворање можности за локален економски развој“, се истакнува во пишаната изјава на министерот Перински.

Тој нагласува дека Министерството останува партнер на општините во процесот на користење на европските фондови и потсетува дека за овој проект е обезбедено национално кофинансирање од 15 проценти за македонските партнери – Општина Кратово и Општина Ранковце.

 

Министерот информира и дека Општина Ранковце започнува со имплементација на нов проект во рамки на ИПА III Програмата за прекугранична соработка со Република Косово, насловен „Активни граѓани за прекуграничен регион без поплави“, чија цел е подобрување на протокот на водите во реките и намалување на ризикот од поплави преку реконструкција на речни корита и инсталирање системи за рано предупредување.

„Во рамки на посетата беше истакнато и дека преку Програмата за рамномерен регионален развој за 2026 година се реализира проектот за изградба на локален пат во село Опила, во вредност од над 6 милиони денари, со што дополнително се подобрува патната инфраструктура во општината. Дополнително, преку двата јавни повика на Владата, во општина Ранковце се имплементираат вкупно пет инфраструктурни проекти од областа на транспортот во вредност од над 38 милиони денари“, се додава во соопштението.

Градоначалникот Павловски истакнал дека посетата на министерот претставува значајна поддршка за општината и нејзините развојни заложби.

„За Општина Ранковце претставува особена чест што денес сме домаќини на министерот за локална самоуправа. Неговата посета е потврда дека државата ги препознава потребите на помалите општини и ја поддржува нивната развојна визија. Во моментов успешно го реализираме проектот „Одржлив туризам во искуствена економија“, преку кој инвестираме во развојот на туризмот, зачувувањето на традицијата и создавањето нови можности за локален економски развој“, нагласил Павловски.

Според градоначалникот, особено значење за локалната заедница има реконструкцијата на поранешното училиште во село Петралица.

„Овој објект не е само градба, туку дел од колективната меморија на многу генерации жители на селото. Тука се создавале спомени, се стекнувале знаења и се граделе животни приказни. Токму затоа, една од просториите ќе биде уредена како спомен – соба, со цел да ги зачуваме сеќавањата и да им оддадеме почит на генерациите што поминале низ ова училиште“, истакнал тој.

ТОП ВЕСТИ

ПОСЛЕДНИ ВЕСТИ