Во текот на вчерашниот ден беше повикан амбасадорот на Бугарија во МНР каде што го изразивме високиот степен на незадоволство и нарушувањето на односите преку еден ваков гест и побаравме објаснување и темелна истрага од страна на соседна Бугарија како е дојдено до ваква ситуација“, изјави министерот за надворешни работи.
Муцунски нагласи дека и согласно меѓународното право вакво нешто е неприфатливо во меѓусебни односи независно од тоа што, како што рече, некои држави имаат меѓусебни политички тензии, па дури и војуваат.
„Тоа е за нас еден неприфатлив начин на меѓусебно функционирање посебно кога се во прашања движења на членови на семејства на државни функционери. Безбедноста е прв приоритет. И на територијата на нашата држава постојано се случува да се движат членови на семејства на високи странски претставници, сами странски претставници, некогаш и во приватни цели, но никогаш не се случило таков документ да излезе во јавност. И доколку би се случило такво нешто првиот чекор што би го направил е јас да се извинам на таа држава, бидејќи очигледно немало доволно висок степен на безбедност во рамките на институцијата. Второ што за мене е загрижувачко е што излегуваат лични податоци поврзани со сопруга на претседател на оваа Влада и со малолетно дете“, рече Муцунски.
Потсети дека кога се случи инцидентот пред бугарската амбасада МНРи МТ јавно го осуди чинот и институциите во најбрз можен рок постапија и се воспоставила комуникација со претставниците на соседна Бугарија.
Муцунски вели дека е очигледно е дека постои една сериозна мрежа на онлајн страници на социјалните медиуми, ботовски мрежи, портали кои се занимаваат не само со нив како претставници на државата туку се повеќе и повеќе со нивните семејства. Посочи дека се забележува „постојана опседнатост со семејството на претседателот на Владата“, но исто така потсети и на лажните вести дека неговиот дедо бил бугарски војник.
„Не го кажувам ова за некоја форма на оправдување. Мојот дедо е починат во 1997 година. Каков е тој однос на таа една цела медиумска мрежа која гради наративи со семејства на политичари. Слободно напаѓајте не нас. Оставете ги нашите семејства “, рече Муцунски.






