Како што соопштуваат од Финансиската полиција, пријавените лица, во својство на надзорни инженери, постапувајќи спротивно на законските одредби, ги пречекориле границите на своите службени овластувања, извршиле технички преглед на објекти и изготвиле завршни извештаи со невистинита содржина, спротивно на член 33 и член 90 став 3 од Законот за градење, со што им овозможиле на правните лица да ги впишат недовршените објекти во Агенцијата за катастар на недвижности и да се стекнат со противправна имотна корист.
„Сопствениците и управителите на правните лица, иако биле свесни дека објектите не се завршени и не ги исполнуваат законските услови за ставање во употреба, ги употребиле завршните извештаи со невистинита содржина како основ за упис на објектите во јавните книги на Агенцијата за катастар на недвижности, со цел да создадат привидно исполнување на условите за користење и да овозможат исплата на одобрената финансиска поддршка од Програмата за рурален развој во рамки на Инструментот за претпристапна помош на Европската Унија (ИПА 3 – ИПАРД 2021–2027) и да се стекнат со противправна имотна корист во вкупен износ од 50.141.528 денари“, пишува во соопштението од Управата за финансиска полиција.






