среда, 24 јуни 2026

Скоро дваесет години подоцна, Уставниот суд ја укина одлуката за преименување на улиците во Тетово

Уставниот суд ја укина Одлуката за промена на имињата на улици, плоштади, мостови и други инфраструктурни објекти во Општина Тетово, донесена во април 2007 година, оценувајќи дека била донесена спротивно на законските процедури затоа што Општината не обезбедила согласност од Владата, соопштија од Уставниот суд.

Објавено на

часот

Сподели

Како што соопшти Судот, во текот на постапката во четири наврати било побарано од Општина Тетово да ја достави целокупната документација што претходела на донесувањето на одлуката. Наместо потребните акти, Општината доставила само Листа на имиња на улици, плоштади, мостови и други инфраструктурни објекти од ноември 2006 година.

Истовремено, Уставниот суд во три наврати побарал од Владата да ја достави согласноста која според законот е неопходна за ваква одлука, но и од Владата не била доставена бараната документација.

По увидот во расположливите документи, Судот утврдил дека не постои доказ оти Општина Тетово воопшто поднела барање до Владата за добивање согласност, ниту пак постои акт со кој Владата дала согласност за предложените имиња.

Согласно член 5 став 2 од Законот за определување имиња на улици, плоштади, мостови и други инфраструктурни објекти, општините можат да донесат вакви одлуки само по претходно добиена согласност од Владата.

Според Уставниот суд, со донесувањето на одлуката без исполнување на овој законски услов, Општина Тетово го повредила начелото на владеење на правото утврдено во Уставот, како и одредбите од важечкиот закон. Поради тоа, Судот одлучи да ја укине одлуката која беше во сила речиси две децении.

Одлуката на Уставниот суд беше донесена на седницата одржана на 17 јуни годинава.

ТОП ВЕСТИ

ПОСЛЕДНИ ВЕСТИ