Ова е само дел од деталите во новата серија досиеја за НЛО што Пентагон денеска почна да ги објавува, додека претседателот Доналд Трамп ја користи долгогодишната љубопитност на јавноста за „неидентификувани аномални феномени“ (НАФ) во вселената. Објавувањето на голем број документи го најави пред неколку месеци за сега повторно да го насочи вниманието кон темата.
„Додека претходните администрации не беа транспарентни по ова прашање, со овие нови документи и видеоснимки луѓето сами можат да одлучат: ‘ШТО, ПО ЃАВОЛИТЕ, СЕ СЛУЧУВА?’ Забавувајте се и уживајте!“, напиша Трамп во објава на социјалната мрежа Трут сошл.
Републиканската администрација на Трамп вели дека јавноста сама може да донесе заклучоци врз основа на информациите во досиејата, кои вклучуваат стари депеши на Стејт департментот, документи на Федералното истражно биро (ФБИ) и транскрипти на НАСА од вселенски мисии со човечки екипаж. Новата интернет-страница на Пентагон на која се сместени документите за неидентификуваните аномални феномени (НАФ) има изразено ретро-изглед, со црно-бели воени фотографии од летечки објекти истакнати на страницата и текстови прикажани со фонт што потсетува на машина за пишување, пишува Асошиејтед прес.
Првата серија објавени материјали е вистинска ризница од видеоснимки, фотографии и сведоштва што сигурно ќе поттикнат дополнителни шпекулации меѓу оние што веруваат дека не сме сами во вселената. Меѓу документите има стари депеши на Стејт департментот, досиеја на Федералното истражно биро (ФБИ) и транскрипти на НАСА од мисии со човечки екипаж. Новата интернет-страница на Пентагон со документи за НАФ има изразено ретро-изглед, со црно-бели воени фотографии од летечки објекти и изјави прикажани со фонт што потсетува на машина за пишување.
Експертите повикуваат на претпазливост околу објавувањето на новите досиеја, предупредувајќи дека снимките од неидентификувани аномални феномени често погрешно се толкуваат и погрешно се претставуваат од луѓе што не се запознаени со воената технологија. Извештај на Пентагон од 2024 година ги отфрли тврдењата дека американската влада пронашла вонземска технологија или потврдила докази за вонземски живот.
Досиејата опишуваат безбројни средби со НАФ
Првичната објава е вистинска ризница од видеоснимки, други визуелни материјали и сведоштва што сигурно ќе поттикнат уште повеќе шпекулации меѓу оние што веруваат дека не сме сами во вселената.
Така, една телеграма на Стејт департментот од американската амбасада во Таџикистан од 1994 година детално опишува како таџикистански пилот и тројца Американци за време на лет со млазен авион над Казахстан забележале силно осветлен НАФ. Објектот, според телеграмата, „изведуваше свртувања од 90 степени, превртувања и маневрираше во кругови со голема брзина“.
Тоа не е единствениот забележан случај на неправилно движење. Воен извештај од Егејско Море од 2023 година наведува НАФ што летал веднаш над површината на океанот и изведувал „повеќекратни свртувања од 90 степени со проценета брзина од 129 километри на час“.
Во едно интервју, претставник на американската разузнавачка служба опишал инцидент од минатата година, кога за време на пребарување со хеликоптер наишол на „супержешка“ топка што лебдела над земјата. Се движела околу 32 километри со голема брзина, а потоа тој забележал уште четири или пет топки што се палеле и гаселе.
Во извештај од состанок со екипажот на Аполо 11 од 1969 година, астронаутот Олдрин се присетил дека забележал неколку необични појави, како „голем“ објект во близина на Месечината и „прилично силен извор на светлина“ за кој екипажот сметал дека би можел да биде ласер.
Во еден документ детално е опишан разговор на ФБИ со пилот на дрон, кој во септември 2023 година пријавил дека на небото видел „линеарен објект“ со светлина толку силна што „можеле да се видат ленти во светлината“ на небото.
„Објектот беше видлив пет до десет секунди, а потоа светлината се изгаси и исчезна“, стои во записот на ФБИ.
Друго досие содржи фотографија на НАСА од мисијата Аполо 17 од 1972 година, на која се гледаат три точки во триаголна формација. Пентагон во описот наведува дека „нема консензус за природата на аномалијата“, но дека првичната анализа сугерира оти би можело да станува збор за „физички објект“.

Документите содржат и повеќе од 20 видеоснимки што прикажуваат неидентификувани објекти снимени со воени сензори на локации од Сирија и Јапонија до Северна Америка. Објектите варираат од брзодвижечки дамки до објект во форма на фудбалска топка забележан над Источнокинеско Море во 2022 година. Најновата снимка е од 1 јануари оваа година и прикажува две кружни светла на темна заднина над Северна Америка.
Неколку досиеја содржат воени видеоснимки од последните неколку години што прикажуваат мали, нејасни точки како се движат над Ирак, Сирија и Обединетите Арапски Емирати. Еден извештај од 2023 година опишува објект „во форма на скокачко топче“ што најмалку седум минути се движел со брзина од 777 километри на час над Сирија. Подоцна било утврдено дека е безопасен.
Меѓу досиејата има и стотици страници со пријавени видувања што датираат уште од 1940-тите. Во извештај на американски воздухопловци од Холандија од 1948 година е изразена загриженост поради постојани видувања на летечки чинии, кои ги виделе и нивните шведски колеги, верувајќи дека не потекнуваат од „ниедна во моментов позната култура на Земјата“.
Едно воено видео од 2013 година од Блискиот Исток, кое прикажува летало во форма на осумкрака ѕвезда, веројатно не е ништо повеќе од жежок млазен мотор што создава дифракциски образец (светлосен ефект) во камерата, објасни Шон Киркпатрик, поранешен директор на Канцеларијата на Пентагон за решавање аномалии во сите домени.
Киркпатрик рече дека во објавените материјали нема ништо неочекувано и предупреди дека без стручна анализа сето тоа „само ќе поттикне дополнителни шпекулации, заговори и аматерска псевдонаука“.
Некои бараат уште поголема транспарентност околу досиејата за НЛО
Трамп и претходно објавуваше документи поврзани со атентатите врз претседателот Џон Ф. Кенеди, сенаторот Роберт Ф. Кенеди и Мартин Лутер Кинг Помладиот, кои открија малку нови информации.
Пентагон со години работи на отстранување на ознаката на тајност од документи поврзани со НЛО, а Конгресот во 2022 година основа канцеларија за таа цел. Нејзиниот прв извештај од 2024 година откри стотици нови инциденти, но без докази за вонземска технологија.
Помала група републиканци во Конгресот се залагаа за поголема транспарентност, обвинувајќи го Пентагон дека крие документи. Конгресменката Ана Паулина Луна во март побара 46 видеоснимки од НАФ на кои укажале свиркачи, а во петокот изјави дека Пентагон подоцна ќе ги објави. Конгресменот Тим Бурчет му се заблагодари на Трамп што „го одржал зборот“ за транспарентноста. „Би сакал да ги потсетам луѓето дека транспарентноста нема да се случи одеднаш, ќе биде потребно време“, порача Бурчет.
Други ја искористија петочната објава за да поттикнат на дополнителна транспарентност. Фондацијата Сол, истражувачка група фокусирана на НАФ, се залага за донесување закон што би присилил на „темелна“ ревизија на доверливите записи „со цел на Американците да им се даде целосната вистина за долгогодишното владино знаење и програми поврзани со технологии и летала од нечовечко потекло“.
„Иако денешниот нов чекор кон целосно откривање на владиното знаење за НАФ е добредојден, потребно е да се преземе уште многу за да им се стави крај на децениите тајност во кои американскиот народ беше држен во мрак“, изјавија Питер Скефиш, извршен директор на фондацијата, и пензионираниот контраадмирал Тим Галодет, бивш управител на Националната океанска и атмосферска агенција.






