среда, 6 мај 2026
Билјана Ванковска

Објавено на

часот

Сподели

КОЛУМНА

Во одбрана на студентите или кога професорите ќе стивнат

Со моето подолго од 40-годишно искуство на универзитетот можам да напишам мемоари за начинот на кој оваа институција функционира зад завесите. Како и кај поединците, така и во колективот владее суета, чувство на супериорност, па дури и недопирливост. Бидејќи, нели, таму се формира колективниот ум и човечки капитал на општеството, се создаваат кадри кои потоа ја водат државата или нејзини сектори... Накусо, универзитетот е Учителот со големо У. Неприкосновен.

Низ историјата сме виделе примери на понижување, газење на автономијата и доблестите, подигнување на партиски и медиокритетски ликови до научниот или дури и државниот Олимп – а реакцијата на тоа била: ТИШИНА. Сакам да кажам, дури и оваа институција која за себе негува највисок имиџ, знае кога и пред кого да потклекне. Наместо Вистината, Знаењето, Доблеста – и Студентите да бидат целта на постоењето, сопствениот Углед и Престиж го заземаат централното место. Затоа, универзитетите (поточно, нивните единици – факултетите) се ВИСОКО чувствителни на јавното прикажување на вистината за нивните грешки или неетички/незаконски поведенија.

Погодувате,повод за овој текст е скандалот со Филозофскиот факултет чии 11 постдипломци, односно докторанти станаа колатерална жртва, на кои им се поништија дипломите и уништија животите. За жал, во нашата јавност владее она мото „секое чудо (или скандал) за три дена“. Отприлика толку траеше бурата, која наскоро беше заменета со другите настани (училишното/врсничко насилство, изборот на ректор, некои странски донации). Филозофскиот факултет се огласи по повод скандалот со една прес-конференција (без прашања?!) и немуштиот говор на деканот. Веднаш потоа на социјалните мрежи излезе чудно обраќање ДО СТУДЕНТИТЕ, ама со оневозможена функција за коментари. Овие студенти на кои им се обрати Факултетот со пост веројатно беа публиката за средството за менаџирање на штетата, бидејќи обраќањето беше до сегашните и (особено важно) ИДНИТЕ студенти (поради натпреварот кој повеќе студенти, т.е. „муштерии“ ќе запише). Ни збор за студентите кои станаа жртви не само на нефункционалниот и неодговорен систем, туку и јавноста почна да им се стрви, па од нив направи криминалци. Една државна телевизија која верно ѝ служи на власта кажа дека овие студенти биде „фатени“ со незаконски дипломи. Ова е полошо и од вицот за она легендарно запирање на автобуска станица за купување бурек или диплома, пред да се продолжи патот. Во моментов, освен одлуката на Државниот просветен инспекторат, и следствено на МОН да им се поништат дипломите, и предметот да се даде на натамошно постапување на Јавното обвинителство (?!), студентите се во сенката на јавната осуда и срам. Знам дека сите имаат ангажирано адвокати (иако се прашувам колку тие адвокати се запознати со потсистемот на високото образование во кое се преплетуваат актите на државата со автономните акти на универзитетот и факултетите). Но, засега ниту еден од нив јавно не излезе пред камери или пред печатот да ја раскаже својата страна на приказната.

Мене лично (ама приватно) ми се обратија неколкумина само за да ми заблагодарат што сум била единствен професор кој јавно и веднаш застанал зад нив, но ниту еден не се појави во јавност за да вие, граѓаните кои ги осудувате, видите за какви личности се работи и за какви околности. Најболната работа е молкот на универзитетот, кој се однесува како во народната „грижо моја премини на друг“ – или со нивната фразеологија: нека одлучат „институциите“. Небаре, универзитетот не е составен од сплет на институции, носители на одлуки, администрација, лица одговорни за законитоста во работењето итн. Факултетот си ги изми рацете од сопствената вина и сега рекламира научни конференции (од оние до Табановце) – таков Фејсбук пост беше објавен вчера наутро во 6:30 часот, за конференција која ќе се одржи во средината на јуни, а во објавата немаше ни повик за учество ниту нешто суштинско, освен фалба дека „славниот“ декан е дел на научниот одбор на овој настан заедно со Министерството за одбрана. Значи, топло е и пријатно во близина или скутот на власта. Животот тече натаму, освен што се уништија 11 животи на луѓе кои се препуштени сами на себе.

Ајде да се обидам, за оние кои не знаат како функционираат студиските програми и студирањето, да појаснам што поедноставно во каква положба се нашле овие единаесетмина. Патем, еден од нив беше мој магистрант, а мојот потпис му стоеше на уверението потпишано веднаш по јавната одбрана на магистерската теза, веднаш до потписот на неговата менторка, раководителка на институтот. Студиите се организираат на прв, втор и трет циклус. За секој постои Правилник. Постојат колегиуми со раководители, составени од професорите кои предаваат. Документите и целата административна работа со студентите ја вршат службите, кои се одговорни пред продекан за настава (за трите циклуси) и деканот како прв човек на факултетот, и носител на одговорноста за законитоста во работењето.

Без да навлегувам во мериторно оценување на документацијата (како што тоа правнички се нарекува), само ќе опишам како тоа оди чекор по чекор: се распишува конкурс за определен број места за студирање и истиот се објавува во медиумите. Заинтересираните се јавуваат со бараните документи, се отвора досие доколку апликацијата е комплетна. Таа се разгледува на повеќе нивоа: кога факултетските служби и деканат ги проценат дека се комплетни у уредни, им ги доставуваат документите и пријавите на Колегиумите. Искрено ќе ви кажам дека политиката за упис е одамна на ниво: дај што ќе дадеш, потребни ни се студенти! Дури имало апели (неформални, се разбира): ургирајте, рекламирајте, барајте кандидати инаку лошо ни се пишува (со други зборови ќе има помалку средства за факултетот). И општиот однос кон кандидатите не е заснован на извонредност и висок просек, туку исполнување на елементарни услови. Исто така, наместо матичност, т.е. воведување стриктна поврзаност и компатибилност на студиите од прв циклус со тие од втор, па потоа на трет, се случуваат „чуда“ – кандидати „скокаат“ од едно научно поле на друго, битно е дека сакаат да студираат, вклучително и да си ги платат студиите (мислам дека магистерските се околу 2.000 евра, а докторските околу 5-6 илјади). Затоа, реков: немам увид во документацијата на 11-те жртвувани и поништени магистри (како во орвелијански свет), но одлука за прием донел колегиум (обично со забелешка, сите сме ЗА под услов да се исполнети законските предуслови – за кои се грижи правната служба и деканатот). Она што со сигурност го знам и можам да го потврдам е дека ниту факултетот ниту конкретните колегиуми и професорите не би си дозволиле потпишување пријави, индекси, уверенија и слично без студентите навистина да си ги завршиле сите потребни обврски! Ова го гарантирам! Тука немојте да барате ни мито ни корупција, ни глумење студии. Можеме да зборуваме за квалитетот, но тоа е за друга дебата.

Ставете се за миг во кожата на еден од овие единаесетмина: сте дошле пред соодветен референт, сте се јавиле на конкурс и ве примиле. Пред најмалку 6 години! Сте студирале на втор циклус, слушале настава, пишувале истражувачки трудови и полагале испити. Потоа пријавувате тема за магистерски труд и предлагате ментор (кој претходно ве прифатил). Колегиумот и наставно-научниот совет (ННС) гласале ЗА и вие почнувате да пишувате прв научен труд, од околу 80-120 страници текст. Тој труд го оценува прво менторот, а потоа и комисија во која влегуваат уште двајца соодветни професори. Кога ќе бидат задоволни од трудот, пишуваат рецензија, таа се одобрува на ННС и се формира комисија за јавна одбрана. Се определува денот, студентот претходно ги завршува сите финансиски обврски кон Факултетот, се објавува денот на одбраната – и следува последниот и најсвечен чин, на кој најчесто присуствуваат сите ваши блиски роднини и колеги. Откако ќе одбраните, Факултетот ви дава уверение, а по кратко време и онаа убава диплома во специјална кутија. Сето тоа со печати и потписи на одговорните. Овие наши „глинени гулаби“ по чиј грб сега се крши (не)правдата сториле уште еден грев: посакале да се запишат на трет циклус (т.е. да продолжат со образованието). Повторно истата постапка, конкурс, пријавување, запишување, потпишување договор со Факултетот (со права и обврски) и секако плаќање.

Заборавив да кажам дека иако кај нас постои девалвација на дипломите (слично како и на политичарите), тоа не значи дека е вина на студентите. Јас би ја барала на друго место! Дел од луѓето што ги запознав се сериозни, некои и семејни… Не само што си одземале од семејниот буџет, туку и од слободното време за учење! Прославиле успех и некои од нив врз основа на легално издадена диплома се стекнале со повисоки позиции на работните места (некои од нив се со завидна научна библиографија и искуство, па и со „импакт фактори“ за кои некои професори можат и да сонуваат). Највознемирувачки ми се виде пример на докторантка која е „фатена“ (како што рече новинарот) пред одбрана на докторска теза!!! Знаете што значи тоа?! Таа завршила сè што се барало од неа (испити, уплати, мобилност во странство – мината една недела согласно правните акти) – направила истражување (ми спомена бројка од преку 15.000 испитаници) и напишала труд!!! Верувам дека тој не е помалку од 250 страници. И сега кога требала да ја брани својата научна работа и резултати од изминати 5-6 години докторски студии, неа (заедно со „колегите“) ја враќаат на ниво на (не)дипломиран студент. Ѝ велат: пу, пу, не се важи ништо, ни ваш труд, ни оценки од професори, државата вели дека Јавно обвинителство треба да види каде е грешката. Но, вие не сте ни магистер, а камо ли докторант! Јас се сеќавам на денот пред мојата одбрана на магистерски труд, кога во 15 часот попладне ми јавија дека утредента нема да бранам затоа што мојот ментор (тогаш министер за образование) ќе имал некоја посета. Се утепав од плачење, стрес, лутина дури. Отидов сама да бранам во денот кога ја презакажаа одбраната во знак на протест (сепак, мајка ми и сопругот не можев да ги запрам). Сè уште ја чувам книгата подарок од мајка ми, со посветата дека сум ја направила најгордата мајка на светот со тоа што сум магистрирала (прва во семејството). Можам да ви раскажам каков стрес е и да подготвуваш докторат (тогаш во петти месец бременост, а жртвата беше огромна и непрежалена). Сакам да кажам, зад секој од овие луѓе стои животна приказна, а некој им ја „зезнал“ и се прави на Тошо! Сега ќе ги упатат тие да се жалат и бараат правда пред Управен суд, најверојатно. Јавното обвинителство е маската на случајот зад која ќе се скријат оние што биле одговорни и сега треба да одговараат (без оглед на финтата: ќе викнам јас инспекција, па ќе се правам невин – јас не сум правник, државен орган за надзор ќе ми биде алиби).

Нејасно е како може НИКОЈ на цел универзитет и Факултетот особено да не се ни обиде да си ја најде и признае грешката! Неверојатен е и заглушувачки молкот (со неколку малубројни исклучоци). Јас не знам како ќе постапат студентите, но знам дека веќе платиле превисока цена за која ни огромна оштета од факултетот нема да биде доволна. Првото прашање кое сега се поставува е: дали некој ќе одговара дисциплински, морално, правно? Овој што е сега декан и се колне дека „ова нема да се повтори веќе“ во она време бил продекан за настава, а веднаш потоа стана и декан. На ректорката ѝ го честитам вториот мандат, ама и таа мора да преземе мерки наместо да оставаме сè на „институциите“ (за кои можам да се обложам дека половината ќе се прогласат за ненадлежни). Не може неправото да се роди на наша почва, а кашата некој друг да ја расплеткува, па дури и да се бараат жртвени јагниња.

Овие единаесетмина, од кои барем неколкумина имаат блескава кариера која сами си ја создале, сега се пред портите на кафкијански Процес – препуштени сами на себе и на своите финансиски и други можности да најдат одлични адвокати кои ќе можат да ја туркаат оваа неправда, ако треба сè до Стразбур. На младите кои ни бегаат во Словенија и подалеку, ова им е само уште еден доказ дека овде ништо не функционира, дури ни на универзитет од кој произлегле моменталниот премиер и претседателката (професорка по уставно право). Одговорноста и вината се две различни работи, но некогаш одат и рака под рака. Како и да е, да се има ОБРАЗ е суштината на ОБРАЗ-ОВА-НИЕ-ТО.

Билјана Ванковска

КОЛУМНИ

Јове Кекеновски

Стандарди и исклучоци?

Лесли Милер

Насилството врз децата може да се спречи, ако дејствуваме заедно

Адела Ѓорѓиоска

Македонија меѓу здравиот разум и стратешките илузии

Александар Иванов

Тешки преси, мајндсет на Студената војна и балкански илузии: архитектурата на...

Виолета Ачкоска

4 мај – ден на убиството на Гоце Делчев

Билјана Ванковска

За трудот, меморијата и загубениот компас

ПОСЛЕДНИ ВЕСТИ