Од една страна е здравиот разум – народната логика, она што луѓето навистина го чувствуваат, мислат и го кажуваат – меѓу пријатели, на кафе, на социјалните мрежи… Од другата страна се властите и т.н. експертска јавност, кои преку медиумите – и често во директна колизија со здравиот разум – политиките што се во очигледна спротивност со интересите на обичниот човек ги претставуваат како рационални, легитимни, па дури и нужни.
Оваа спротивставеност меѓу високата политика и волјата на граѓаните е одраз на суштинска недемократичност. Таа денес станува најкарактеристична токму за земјите што извезуваат (западна) демократија, односно оние кон кои се приклонуваме, од кои наводно треба да учиме и кои настојуваме да ги копираме. Но, наместо демократија, сè повеќе ги увезуваме нивните политички и општествени патологии.
Врсничко и семејно насилство, киднапирања на деца, педофилија – секој ден нов шок, нова трагедија. Еднаш, не така одамна нормалното и безбедно општество, сега оддава слика на длабоко болна заедница која ги голта човечките животи во сопствените рани. А сепак серијата национални трагедии и понатаму ги третираме како изолирани инциденти, иако токму тие се најјасниот показател за нашата „успешна“ интеграција во евроатлантскиот идеолошки и вредносен систем.
Токму поради одделеноста и отуѓеноста на јавниот простор од интересите на обичниот човек таму не постои простор за отворена, здраворазумска анализа. Едвај некој и да го постави прашањето: како дојдовме до тука? Каде одиме? Наместо суштинска дијагноза за корените на нашите општествени болести, аналитичарите и експертите се занимаваат со форензички лов на „дезинформации“, „лажни вести“ и други „хибридни закани“ кои се претставуваат како показатели на „странско влијание“.
Овој новоговор навидум е само уште еден проект на невладиниот сектор, без реален одек кај јавноста, но сепак тој игра многу важна пропагандистичка улога. Истовремено е дискурзивна алатка за легитимирање на постоечкиот општествен поредок и за делегитимирање на неговите можни алтернативи. Ваквото дисциплинирање на јазикот и мислата овозможува оние што го поддржуваат системот да се сметаат за сериозни, културни и прифатливи. Наспроти нив, оние што му се спротивставуваат се прогласуваат за невоспитани, дрски, штетни по „општествената стабилност“ и производ на некакво „странско влијание“. Слично како кога на жртва на семејно насилство полицијата ѝ објаснува дека модриците, секојдневниот терор и стравот за сопствениот живот ѝ се причинуваат – односно дека се „дезинформации“ пласирани од комшивката од соседниот влез.
Како што полицијата дома покажува огромен праг на толеранција за семејното и друго насилство, така државата на меѓународната сцена не само што толерира, туку и активно поддржува геноциди, ембарга, нелегални и нелегитимни војни… Институциите се ретко ефикасни и координирани кога станува збор за вдомување на таа надворешна политика – па наместо да се грижат за некој од 20-те случаи на семејно насилство кои во просек се случуваат секој ден, полицијата се занимава со апсење на млади луѓе за истакнување на палестинско знаме. Еден ден, со истата таа ревносност и ефикасност, ќе регрутираат други млади луѓе – да гинат во вистински војни, во име на одбрана од фиктивни закани по домашната „стабилност“ од „странски влијанија“, „хибридни закани“ и „дезинформации“.
Но, кога стратешките партнери се усогласени, здравиот разум и принципите стануваат не само излишни, туку и опасни. Парадоксално, институциите создадени во држава изградена врз антифашистички темели, сега се користат за нејзино суштинско подривање. Воената академија што го носи името на генерал Михаило Апостолски е претворена во „клучен центар за НАТО стандарди и студии за евроатлантските интеграции“. „Нова Македонија“, весникот основан со одлука на АСНОМ во Прохор Пчински во 1944, сега служи како ПР платформа преку која се промовира „литиумската перспектива на државата“, во рамки на т.н. стратешки дијалог со САД.
Веќе одамна стана илузорно да се очекува некој политички чин да му служи на јавното добро, без разлика дали станува збор за менување плочки на плоштадот во Гевгелија, за реформи во образованието, амандман на Законот за минерални суровини или гласање во ОН. И покрај сето ова, споменатите експерти и „политички коментатори“, секоја вечер систематски и во состојба на зен-смиреност и непресушен оптимизам ве убедуваат во „поволностите“ од новите стратешки договори и дијалози – договори со кои владата го распродава и она што остана, како ретките минерали, рудниците, водата, плодното земјоделско земјиште… А за возврат добиваме „поволни“ каматни стапки, нови дупки во јавниот долг, европски отпад, селфиња пред Даунинг стрит и покани за молитвени појадоци во Вашингтон.
Сепак, ваквото влијание ретко се класифицира како странско, а уште помалку како негативно. Таквите етикети по правило им припаѓаат на земји како Кина, Русија или Иран. Наспроти ваквата хибридна логика, реалноста упатува на други заклучоци. Нашата неодамнешна историја е силен показател дека не присуството, туку отсуството на кинеско влијание имало сериозни штетни последици за нас. Наглата ерозија на македонскиот суверенитет има корени во периодот 1999/2001, кога поради признавањето на Тајван од Владата на Љубчо Георгиевски и Васил Тупурковски, Кина ги прекина дипломатските односи со Македонија и стави вето врз мандатот на УНПРЕДЕП. Отсуството – а не присуството – на кинеско влијание беше еден од факторите што придонесоа за настаните во 2001. Целокупното октроирање на политичкиот и правниот систем од нашето општество и неговата историја, кое се одвива изминативе децении, се втемели токму низ овие процеси. И тоа како резултат на активното учество – не само влијание – на нашите денешни стратешки партнери.
Исто како и тогаш, и денес, оние што се декларираат како најголеми патриоти претставуваат сериозна закана за државата. Повторно се доведуваат во прашање односите меѓу Македонија и Н.Р. Кина, преку отворени провокации – како присуство на настани организирани од тајвански сепаратистички структури или пречекување на т.н. тајвански делегации во македонскиот парламент. И како и тогаш, последиците се предвидливо катастрофални. Наместо да бидеме важен стратешки јазол во кинеската иницијатива „Појас и пат“, која има реални развојни цели и значење за домашната економија, поврзувањето и долгорочниот просперитет, ние добиваме коридори што имаат смисла првенствено за воено-индустрискиот комплекс и рекетарската енергетска политика на НАТО и САД – но не и за нас, иако се финансираат со наши пари. Не може друго ни да се очекува од политичари водени од две мотивации: длабока, одмаздољубива фрустрација кон социјализмот и интерес за лично збогатување. Токму оваа логика ја овозможи Тајванската авантура во 1999. Во период на тектонски историски прекршувања како сегашниот, таа може да доведе и до формално губење на државата, иако суштински таа веќе е длабоко еродирана и одамна е ставена во служба на западниот корпоративен капитализам и неговиот воено-индустриски-медиумски-академски апарат. А кога оваа политика не е во служба ни на западните народи, како може да биде од полза за нас и за нашата иднина?
Сепак, домашниот политички и медиумски простор сè повеќе ја интернализира и одомаќинува рамката на „странско влијание“, независно од националните интереси и реалните случувања на меѓународната сцена. Во време додека САД водат војни против суверени држави, во Кина се спроведува кампања во која претседателот Си Џинпинг е пример и инспирација за создавањето „општество кое сака книги“. Ова не е шупливиот популизам на кој сме навикнати, туку еден од многуте примери кои ја карактеризираат државата што чекори самоуверено на својот пат кон социјализам со кинески карактеристики. Тој пат веќе доведе до создавање на динамично, иновативно и просперитетно општество, со висок животен стандард, светски најразвиена брза железничка и транспортна инфраструктура, високо квалитетно и широко достапно јавно здравство, врвно образование, напредни дигитални иновации и долгорочна посветеност на национален развој и општествената стабилност. А најважно од сѐ, општество чие сопствено мерило за успех е благосостојбата на обичниот човек, а не екцесите и каприците на мултимилијардерите.
Токму од ваквото „странско влијание“ ние, наводно, треба да се браниме како од најголема закана. А притоа треба да ја заборавиме тесната поврзаност меѓу внатрешната и надворешната политика – Само системи кои навистина го претставуваат обичниот човек можат да играат конструктивна глобална улога и да придонесуваат за доброто на целото човештво.
Во меѓувреме, македонското општество тоне, светот галопира кон војна, а здравиот разум и народната мудрост се сведуваат на позадински шум и џагор без последици. Потребни се искреност, волја и одговорност – но и проширување и зајакнување на политичкиот отпор – за на здравиот разум да му дозволиме да дише, да стекне самодоверба и да се ослободи, а со него да почнеме да се ослободуваме и ние. Време за чекање немаме ни ние, ни светот. Наскоро и сонцето ќе го забранат, затоа што изгрева на исток.
Адела Ѓорѓиоска, политиколог












