Британскиот премиер Кир Стармер денес во ерменскиот главен град Ереван ќе учествува на самитот на Европската политичка заедница, форум основан по руската инвазија на Украина во 2022 година. На состанокот, тој треба да објави дека Велика Британија сака да соработува со Европската Унија во обезбедувањето поддршка на Украина кога станува збор за стекнување клучна воена опрема, објави неговата канцеларија.
Заемот одобрен од ЕУ минатиот месец треба да покрие две третини од украинските потреби во следните две години, при што поголемиот дел од средствата се наменети за воени трошоци среде одбраната од руската инвазија што трае веќе четири години, објави Ројтерс.
Дополнителните средства би можеле да отворат можности и за британските компании кои можат да одговорат на итните украински потреби, особено во одбранбениот сектор, објави британската влада во соопштение.
Велика Британија воведе серија санкции врз Русија од почетокот на војната во 2022 година и планира да објави нова транша „остри санкции“ врз руските компании оваа недела, обидувајќи се да ги наруши воените синџири на набавка, соопшти владата.
Стармер патува во Ерменија во време кога кабинетот на американскиот претседател Доналд Трамп се обидува да ја притисне Европа да преземе поголем дел од одговорноста за одбраната на Стариот континент, пишува Ројтерс, истакнувајќи дека ова е прва посета на британски лидер на земјата од посетата на тогашната премиерка Маргарет Тачер во 1990 година.
Европските земји, вклучувајќи ги Германија, Франција и Велика Британија, неодамна се соочија со нови притисоци од Вашингтон откако одбија да учествуваат во војната меѓу САД и Израел против Иран, објави Ројтерс.
„Кога Велика Британија и Европската Унија работат заедно, сите ги жнееме плодовите од тој труд, а во овие турбулентни времиња мора да одиме подалеку и побрзо во одбранбениот сектор за да ги заштитиме луѓето“, рече Стармер во соопштението.
Британскиот премиер и претходно повикуваше на посилна одбранбена интеграција на Стариот континент заради спротивставување на прекумерната зависност на НАТО од САД, сигнализирајќи понатамошно приближување кон единствениот пазар на ЕУ и подлабока економска интеграција шест години по брегзит, забележува Ројтерс.






