петок, 10 јули 2026

Египет гради вештачки канал долг 170 километри: Откриено е како ќе ја претвори пустината во обработливо земјиште

Египетскиот претседател Абдел Фатах ел-Сиси го отвори проектот „Нова делта“ – амбициозен план за претворање на пустинското земјиште во обработливо, со цел зголемување на домашното производство на храна, намалување на зависноста од увоз и создавање повеќе од два милиони работни места.

Фото: Социјални мрежи

Објавено на

часот

Сподели

Свечената церемонија беше одржана на новите обработливи површини западно од делтата на Нил, во време на жетвата на пченицата. Владата го опишува проектот како најголем потфат за уредување на земјиштето во историјата на Египет.

Важна цел на проектот

Кога ќе биде целосно завршен, „Нова делта“ треба да опфаќа околу 9.000 квадратни километри земјиште.

Целта на проектот е да ја зголеми вкупната обработлива површина на Египет за околу 15 проценти, преку одгледување пченица, пченка, зеленчук, но и извозни култури како маслинки и смокви.

Властите наведуваат дека основната намера на проектот е намалување на високите трошоци за увоз на храна и ублажување на притисокот врз девизните резерви на земјата.

Сложен систем за наводнување

Еден од клучните делови на проектот е сложениот систем за наводнување, бидејќи новите земјоделски површини се наоѓаат во пустински области над голем дел од дренажниот басен на делтата на Нил.

Министерот за водни ресурси, Хани Свеилем, објасни дека системот функционира така што собира земјоделски отпадни води од западната делта и ги испраќа до пречистителната станица Ел Хамам на брегот на Средоземното Море.

Таму дневно може да се преработат до 7,5 милиони кубни метри вода, која потоа со помош на пумпи се насочува кон запад, низ канал долг околу 170 километри и преку 13 пумпни станици, кон областа Даба.

Предвидена е и втора, пократка траса со дополнителни големи станици, која треба да овозможи испорака на дополнителни количини вода за конечно да се достигне целта од околу 9.000 квадратни километри обработливо земјиште.

Системот бара големи количини енергија, бидејќи водата се подига од пониските дренажни канали кон повисоките пустински висорамнини. Токму на тој дел од проектот се осврна и претседателот Ел-Сиси, повикувајќи ги официјалните лица да ѝ ги објаснат на јавноста трошоците и обемот на работите за граѓаните да ја разберат големината на потфатот.

Египетските власти проектот „Нова делта“ го претставуваат како стратешки одговор на предизвиците за безбедноста на снабдувањето со храна, кои станаа поизразени за време на последните глобални кризи, но и поради долгорочниот раст на населението.

Според објаснувањето на Владата, големите механизирани земјоделски стопанства треба да ги зголемат приносите, да овозможат поголем извоз и да отворат нови работни места во земјоделството, логистиката и прехранбената индустрија.

ТОП ВЕСТИ

ПОСЛЕДНИ ВЕСТИ