Годинашното патување започнува на 10 јули во Неготино, каде проекцијата ќе се одржи кај Спомен-костурницата. Веќе следниот ден, 11 јули, патувачкото кино ќе гостува во Пепелиште, во дворот на ООУ „Страшо Пинџур“. На 13 јули, караванот продолжува во Демир Капија, на градското Шеталиште, а на 14 јули ќе биде во Долни Дисан, во ООУ „Гоце Делчев“. Последните две филмски вечери ќе се одржат на 16 јули во Негорци, во ООУ „Ристо Шуклев“, и на 17 јули во Гевгелија, во ООУ „Јосиф Јосифовски“.
Веќе седумнаесет години патувачкото кино се труди да ги поврзува луѓето преку приказните и да ги собира на плоштадите, училишните дворови и останатите јавни простори кои се претвораат во кино за една вечер. Покрај филмските проекции, секоја кино-вечер нуди можност за средба, разговор и заедничко споделување на приказни кои инспирираат, отвораат прашања и поттикнуваат дијалог.
Патувачкото кино не се само проекциите, туку и средбите пред и по филмот, разговорите што продолжуваат откако ќе се изгасне проекторот и приказните што се пренесуваат до следното место.
Седумнаесеттото патувачко кино на „МакеДокс“ е поддржано од Агенцијата за филм на Македонија.
Проекциите се бесплатни. Повеќе информации за програмата на проекциите ќе бидат објавени на официјалните комуникациски канали на „МакеДокс“.





