Како што посочуваат од Кинотека, филмовите на Сидо се препознатливи по својата интелектуална провокативност, сатиричен пристап и филозофски идеи, преку кои отвораат прашања за човекот, моќта, технологијата и современиот свет. Неговото творештво остави траен белег во македонската филмска култура, а генерации филмофили и ученици го паметат како инспиративен професор и неуморен промотор на филмската уметност.
Неговата филмографија опфаќа повеќе од пет децении творештво — од кратки експериментални филмови и документарни записи, до филозофски и општествени етиди кои ја истражуваат човечката егзистенција, идентитетот и општествените промени.
Носител е на титулата „Мајстор на аматерскиот филм“, највисоко признание од Кино-сојузот на Македонија.
Меѓу неговите најпознати дела се: „Најден дом“, „Копнеж“, „Заштита на културните споменици во градскиот парк“, „Напуштени воденици“, „Пат кон оазата“, „Образ“, „Демонократија“, „Самрак на цивилизацијата“, „Последно кафе“ и многу други.





