„Новата иранска стратегија е дека по секој напад Ормускиот Теснец ќе биде целосно затворен“, изјави изворот. Станува збор за поморски премин од клучно значење за глобалната економија, низ кој минуваат една петтина од светските пратки на нафта и течен природен гас во мирно време.
Покрај затворањето на теснецот, изворот ветил дека Иран ќе изврши напади врз „најмалку двојно повеќе цели“ по каков било напад од САД. Тој, исто така, упати прикриена закана до американските сојузници во регионот. „Секоја закана ќе се соочи со силен одговор. Иран не прави разлика помеѓу САД и нивните регионални партнери“, додаде тој.
Во меѓувреме, како одговор на најновите американски напади, Исламската револуционерна гарда објави дека во текот на ноќта нападнала 85 американски воени објекти во Бахреин и Кувајт.
Оваа нова закана за затворање на теснецот доаѓа и покрај тврдењето на американскиот претседател дека Иран „не може ништо да направи“ за да ги спречи понатамошните напади. Сепак, досегашниот тек на конфликтот покажа дека токму економскиот притисок преку Ормускиот Теснец во минатото ги принудил САД да седнат на преговарачка маса.





