Трамп на самитот на НАТО во Анкара изјави дека на министерот за финансии на САД, Скот Бесент, веќе му наредил да ги прекине сите трговски врски со Шпанија, пренесуваат медиумите. Според него, одлуката стапува на сила веднаш. Тој додаде и дека нема да има повеќе официјални посети меѓу двете земји.
„Шпанија е ужасен партнер во НАТО. Тие не учествуваат. Не плаќаат. Не сакам повеќе да имам работа со нив“, рече Трамп на прес-конференција со генералниот секретар на НАТО, Марк Руте, според американскиот новински портал Си-ен-би-си.
„Не сакам ни да разговарам со нив. Тие се безнадежни, лоши луѓе“, рече Трамп, додавајќи дека меѓу сојузниците во НАТО „има уште неколку такви земји“, но дека „Шпанија е најлоша“.
Trump:
Don’t even talk to Spain. They are hopeless.
They are bad people. pic.twitter.com/in5J3E2ggz
— Clash Report (@clashreport) July 8, 2026
Агенцијата ДПА, сепак, наведува дека Трамп нема лесно да ги спроведе своите најнови закани кон Шпанија, бидејќи таа е членка на Европската Унија и на европскиот заеднички пазар.
„Во трговските прашања, земјите членки на ЕУ во голема мера ги префрлија своите надлежности на Европската комисија во Брисел, која зборува и преговара во нивно име“, пренесува ДПА.
Мадрид реагираше „многу мирно“ на најновите изјави на Доналд Трамп. Кабинетот на премиерот Педро Санчез соопшти дека ги третира изјавите како рутинска работа, објави германскиот Велт. Кабинетот објави дека Шпанија негува одлични социјални, културни и економски односи со САД, кои се од заемна корист, и дека шпанската влада нема намера да го промени тоа.
Трамп ги обвинува европските членки на НАТО дека не издвојуваат доволно за одбрана и дека се потпираат на САД. Се бара од сите членки да издвојат пет проценти од својот БДП за одбрана. Шпанија е една од ретките европски земји чии воени трошоци едвај се зголемуваат, а владата на премиерот Педро Санчез отворено одбива да издвои пет проценти од БДП за одбрана. Нејзините средства за одбрана во буџетот за оваа година се околу два проценти.
Покрај тоа, властите во Мадрид го навлекоа гневот на Доналд Трамп со критикувањето на американскиот напад врз Иран, војната на Израел во Појасот Газа и одбивањето да ги стават воените бази на нивна територија на располагање на американската војска со цел водење на таа војна.





