Критиките беа гласни и остри. Во понеделникот (6 јули 2026 година) кинеската морнарица изведе ракетен тест во Jужeн Пацифик. Според државната новинска агенција Синхуа, нуклеарна подморница истрелала ракета со макета на нуклеарна боева глава во меѓународни води. Тестот, како што се наведува, бил успешен.
Министерката за надворешни работи на Австралија, Пени Вонг, оцени дека тој потег ја дестабилизира регионалната безбедност. Јапонија ја повика Кина да ги преиспита своите постапки.
Се огласи и Нов Зеланд. Министерот за надворешни работи Винстон Питерс изјави во Велингтон дека неговата земја не сака Кина да го користи Јужен Пацифик како подрачје за тестирање ракети.
„Длабоко сме загрижени поради кинеското тестирање оружје способно да носи нуклеарни боеви глави во Јужен Пацифик“, рече Питерс.
Пацификот не беше поштеден од нуклеарното кошкање ниту во минатиот век. Коралниот атол Бикини, кој денес им припаѓа на Маршалските Острови, беше место на многубројни американски нуклеарни тестови по Втората светска војна. Безбедносната архитектура во пацифичкиот регион тогаш во голема мера ја обликуваа Соединетите Американски Држави.
Ракета со дострел до 12.000 километри
Токму таа безбедносна архитектура Кина сега ја доведува во прашање. Иако официјалните медиуми не објавија детали за тестирањето, некои националистички ориентирани воени аналитичари на кинеските социјални мрежи шпекулираат за моќта на тестираната ракета.
„Станува збор за интерконтинентална балистичка ракета од серијата Џуланг-3 (ЈЛ-3), која се лансира од подморница“, вели потполковникот Жанг Жунше од Кинескиот институт за поморски истражувања.
Џуланг-3, или „Голем бран-3“, сè уште е во развој. Проектирана е да има максимален дострел од 12.000 километри и може да носи повеќе нуклеарни боеви глави. Меѓу 2018 и 2019 година беа пријавени три успешни тестирања.
„Целта на таа ракета не се борбените единици на фронтот, туку стратегиски цели како командни центри, воени бази или енергетска инфраструктура“, објаснува Жанг, додавајќи дека станува збор за сеопфатно средство за одвраќање.
Џуланг-3, според наводите, била лансирана од нуклеарна подморница од типот 094, од класата Џин. Таа е долга 135 метри, има екипаж од 120 морнари и може да остане под вода до 70 дена. Кинеската морнарица во моментов располага со шест подморници од овој тип. Жанг не ја исклучува можноста да била користена и модифицирана верзија на подморницата.
Според податоците на вашингтонскиот аналитички центар „Иницијатива за нуклеарни закани“, покрај подморниците од класата Џин, Кина користи уште 59 подморници на нуклеарен погон.
Нуклеарен возвратен удар
„Дури и кога сите други воени средства би биле онеспособени, кинеската подморница би останала целосно способна да изведе возвратен нуклеарен удар“, истакнува Жанг.
Според него, од меѓународните води Кина би можела да избере која било точка во Пацификот и оттаму да изведе сигурен стратегиски возвратен напад.
Уште во септември 2024 година Кина од копно лансираше интерконтинентална ракета со макета на нуклеарна боева глава кон Јужен Пацифик. Проектилот тогаш падна во однапред определено подрачје во Француска Полинезија. Тоа беше прво кинеско тестирање интерконтинентална ракета над меѓународни води по повеќе од 40 години.
Како и тогаш, Пекинг и овојпат нагласи дека сите соседни држави биле однапред известени и дека вежбата не била насочена против ниту една земја или конкретна цел.
Кина сака да го промени односот на силите во Пацификот
Кина сака да го промени постојниот поредок во Пацификот. Силното воено присуство на САД и нивните сојузници во нејзина близина го загрижува Пекинг.
Комунистичката власт сака да биде сигурна дека е способна да возврати на евентуален превентивен воен напад и да одговори со, како што смета, соодветен контранапад. Истовремено, нуклеарната сила Кина ветува дека нема прва да употреби нуклеарно оружје.
„Кина во моментов ја доведува во прашање регионалната безбедносна архитектура предводена од САД на различни нивоа“, напиша уште во 2024 година Феликс Хајдук, раководител на истражувачката група за Азија во берлинскиот Германски институт за меѓународни и безбедносни прашања (СВП).
Во тоа време германските вооружени сили учествуваа во воена вежба на Пацификот предводена од САД. Во текот на пет недели, во јули и август 2024 година, 29 земји со 40 воени бродови вежбаа околу американската поморска база Перл Харбор.
Растечка загриженост
„Нарекувајќи го регионалниот поредок предводен од САД ‘остаток од Студената војна’ и промовирајќи алтернативен поредок ‘од Азијците за Азијците’ со Кина на чело, како и преку забрзаното јакнење на Народноослободителната армија, развојот на билатерални безбедносни партнерства и милитаризацијата на големи делови од Јужно Кинеско Море, Пекинг настојува да ги оствари своите стратегиски цели“, напиша Хајдук.
Во меѓувреме, расте загриженоста и во Јужен Пацифик.
„Ракетните сили на Народноослободителната армија на Кина претставуваат најефикасното кинеско средство за изведување напади на голема далечина врз Австралија“, наведуваат Сем Рогивин и Дејвид Валенс од австралискиот Институт Лоуи во студија објавена во јуни 2026 година.
„Во случај на поголем регионален конфликт, воените бази низ северна Австралија би биле цел на кинеската војска.“
Австралиските истражувачи уште минатиот месец заклучија дека јавно достапните податоци не даваат уверливи докази дека една кинеска ракета лансирана од копно може да ја погоди целата територија на Австралија. Бидејќи најголемите австралиски градови се наоѓаат на источниот брег, проценката беше поинаква.
Меѓутоа, по ракетниот тест изведен во понеделникот од подморница во Јужен Пацифик, ситуацијата, според сè, се промени.
Генералниот секретар на НАТО, Марк Руте, на маргините на самитот во турската престолнина Анкара изјави дека пробното лансирање испратило порака до НАТО.
„Ова е уште еден доказ дека не смееме да бидеме наивни – а и не сме“, рече Руте.
НАТО е воен сојуз предводен од Соединетите Американски Држави, чиј досегашен фокус беше Европа. Можноста за проширување на НАТО кон Азија, на пример со членство на Јапонија, досега се разгледуваше само теоретски.





