среда, 8 јули 2026

Нингсја – кинеската алхемија од пустина да се создаде богатство

„Одиме во Нингсја! Ќе добиете лосион со заштитен фактор и уште неколку практични работи за заштита од сончевото зрачење“ – пристигнува порака на „вичет“ од асистетните на програмата за новинари од 90 земји, во Кина. Всушност, во Нингсја патуваме само две групи – оние од Источна и Централна Европа (во ЕУ би рекле – Западен Балкан) и од Евроазија (т.е. од држави од бившиот СССР). На почеток се обидуваме да комуницираме на англиски јазик, додека не сфативме дека се разбираме и кога говориме на нашите словенски јазици…

Објавено на

часот

Сподели

Пред тргнување, сè уште е неразрешена недоумицата колку треба да се сфати сериозно предупредувањето за заштитниот фактор од сончево зрачење. Кинезите на некој начин се пресензитивни кога станува збор за сончевото зрачење и секогаш се движат по улица со чадори (и заштитни маски за лице), па просечен балкански странец секогаш е збунет – дали отворените чадори на улиците во Кина се поради дожд, или сонце. А и времето е нестабилно и променливо, па од „мал пекол“ на 35 степени, дождот знае да се истури како од кофа. А чадорите остануваат отворени!

„Мистеријата“ за Нингсја и заштитниот фактор е привидно разрешена кога станува јасно дека тоа е автономна област во севернозападна Кина (всушност повеќе централна), која е дел од пустината Гоби. А Нингсја е една од „чудата“ на Кина, каде во последните 12-13 години веќе се гледаат плодовите од скротувањето, т.е. култивирањето на пустината во плодни земјоделски површини, што започнало уште во осумдесеттите години на минатиот век.

Дури и во македонските медиумски архиви можат да се најдат текстови од 2014 година за одлуката на кинеските власти за пренасочување на овој регион кон зелената економија, па рудниците со јаглен да се претворат во лозја и винарии. Инаку Нингсја е позната по богатството со минерали, па пред развојот на земјоделството и сточарството, главниот економски фокус бил на рударството. Она што пред 12 години било само проекција, сега во Нингсја е реалност. Лозјата и винариите веќе го имаат сменето пејзажот под планината Хелан, од пустинско-рударски во нешто што потсетува на Тоскана, иако сопствениците на капацитетите се гордеат дека лозовите насади им се дoнесени од Бордо, Франција. На простор од околу 200 километри, има околу 260 винарии, а целта е – производство на 3 милиони шишиња вино. Свесни се дека имаат многu работа да се наметнат на светскиот вински пазар, покрај винските велесили со традицијата и воспоставени брендови – но сметаат дека ништо не е невозможно и дека нивните вина имаат специфична арома и вредност токму поради песокливата почва и „пустинската“ клима.

Од новите „трендовски“ овошја, во Нингсја речиси е невозможно да се избегнат бескрајните плантажи со дрвја од гоџи-бобинки, но и продавниците со продукти од нив (од чаеви, преку мед, до разни слатки со специфична рецептура), кои Кинезите мошне претприемничи и инвентивно редовно ги поставуваат покрај производните капацитети.

Во Нингсја прават и чудесна симбиоза на напредните агрокултурни практики со уметноста. Освен што во оризовите полиња кои се под вода, одгледуваат риби и ракчиња, од нив прават и уметнички дела – цели оризови пејзажи со слики од волшебни коњи (оваа 2026 -та е година на коњот), феникси и други митолошки суштетства, како и на оние од поп-културата. И низ нив можат да ви приредат туристички разглед со симпатично ретрововче, а пластичните фигури од диносауруси иако навидум не се вколуваат во амбиентот – сепак на крајот ги „прифаќате“ како преголем ентузијазам во симбиозата на науката, практиката и уметноста. Во секој случај, заминувате со чувството дека сте имале привилегирано искуство да бидете на такво место.

Храната – важен, но не и одлучувачки момент за доживување на Кина

И кога сме веќе кај прехранбените и земјоделски производи, за многумина од Европа вообичаеното второ прашање е – како ви се допаѓа кинеската храна. И според Кинезите, и според Европјаните, тоа е еден од клучните моменти за тоа како ќе ја доживеете и прифатите Кина. Она што треба уште на почеток да го расчистите, е дека онаа храна во кинеските ресторани низ Европа, е „стилизирана“ за европскиот вкус, но и митовите и легендите за „преегзотичната“ и презачинета кинеска храна во голема мера се претерани. Она што не треба да изненади е дека Кинезите речиси и да не употребуваат сол во готвената храна, а не ја ставаат на дофат на рака ниту во рестораните. Треба или да побарате сол, или да се снајдете со некои од бројните сосови што ги има во понудата. Но затоа млечните производи, т.е. јогуртите се засладени и тоа не само овошните. Причината за таквата технологија на производство на јогурти не успеавме да ја дознаеме ниту во млекарницата, т.е. фабриката за млечни производи во Нингсја, каде производството е речиси целосно роботизирано… И сè што наликува на леб или печиво е со шеќерен вкус, дури и некои чипсови се „слатки“… Понатаму, во однос на храната само препуштете се на фантазијата – какви и да ви се очекувањата и предзнаењата, ќе бидете изненадени. Или одете на сигурно, во нешто што наликува и се нарекува италијански ресторан, со пици и паста со многу мала доза на сирење.

Во Пекинг, речиси во сите квартови може да се најдат т.н. европски ресторани или американските брендови за брза храна, доколку не можете да се навикнете на кинескиот стил на исхрана. Но во провинциите (можеби поради ограниченото време на престој), главно треба да ја прифатите честа да бидете нагостени на традиционален начин и со традиционална храна.

Во Нингсја, каде што има големи фарми на говеда и овци, кои се одгледуваат во строго контролирани услови (а за посета на фармите, прво минувате низ дезинфекција и се користат минибуси), угостувањето со т.н. хот пот (ручек или вечера) е особена чест. „Хот пот“ значи дека на тркалезна подвижна маса ви носат тенко исечено месо и разни зеленчуци и овошја, а секој гостин на масата пред себе добива тенџере со загреана супа во која сам си го приготвува, т.е. си го вари месото. Препорачаното време за варење на месото во многу жешка вода е 20 секунди, кое потоа го зачинувате валкајќи го во некои сосови што претходно сте ги избрале. За невештите готвачи тоа значи дека може да се случи да останат гладни и покрај изобилството на храна на масата. Но, вистинското „изненадување“ е што единстениот пијалок на таквите гозби е – чај!

Кинезите главно настојуваат да им угодат на странците во поглед на храната, па во рестораните секаде може да добиете на пример пиво, но и да ве прашаат дали го сакате на собна температура или со мраз… А ракијата може ви ја послужат во чаша за вино. Всушност, Кинезите се отворени за светот и ги почитуваат туѓите навики и потреби, но сепак за себе си уживаат во нивните традиционални навики, дури и кога се модернизирани.

Хуите од Нингсја – едно од 56-те малцинства во Кина

Од околу 1 милијарда и 400 милиони жители на Кина, 95% отсто се изјаснуваат како припадници на етникумот Хан. Во останатите 5 отсто има дури 56 етнички заедници, со статус на малцинства. Од тие 56 етнички заедници, 53 имаат свој јазик, а 23 и свое писмо. Кинезите инсистираат дека се грижат за зачувување на посебностите на овие етнички заедници и на почитување на сите нивни човекови права. Покрај институциите, како министерство за малцинства, комисии…,  постојат 13 високообразовни институции, како универзитети и колеџи за малцинските заедници.

Во областа Нингсја, која има 6 милиони жители, доминантно живеат претставници на етничката заедница Хуи, кои се претежно од исламска вероиспевед. Иако во Кина правото на вероисповед е загарантирано, општеството е доминантно атеистичко, па верските права се практикуваат во најголема мера на ниво на традиција. Па затоа, на оброците во Нингсја, речиси никаде не може да се сретне свинско месо, а особени специјалитети се јагнешкото и рибата, подготвени на безброј начини. Дури и рибата може да биде подготвена како карамелизирани топчиња, а специјалитетот се нарекува риба-верверичка.

Денес за Нингсја може да се каже дека е воедно кинеската Тексас и Калифорнија, според земјоделските и сточарските култури кои таму се одгледуваат, како и според амбициите за примена на напредните технологии во агрокултурата. На крајот, се покажа дека никаков „заштитен фактор“ не беше потребен, зашто сонцето во Нингсја ги „гори“ само оние кои не го гледаат потенцијалот за чуда во неа – од пустина да се создаде богатство.

 

За Мкд.мк од Кина – Јасминка Павловска

 

 

 

 

 

 

 

 

 

 

 

 

 

 

 

 

 

 

 

 

ТОП ВЕСТИ

ПОСЛЕДНИ ВЕСТИ