Судијата Никлин пресуди дека тужителите не успеале да ги докажат тврдењата дека новинарите користеле незаконски методи за собирање на информациите што биле искористени во новинарските текстови.
Покрај принцот Хари, тужба поднесоа и баронесата Дорин Лоренс, актерките Елизабет Харли и Сејди Фрост, музичарот Елтон Џон и неговиот сопруг Дејвид Ферниш, како и поранешниот политичар од Либерално-демократската партија Сајмон Хјуз.
Тие тврдеа дека издавачката куќа користела незаконски методи за собирање информации, што „Асошиејтед њузпејперс“ во текот на целата постапка категорично го негираше.
Во заедничко соопштение по пресудата, принцот Хари и баронесата Дорин Лоренс наведоа дека „дошле пред судот барајќи правда и одговорност“.
„Не го добивме ниту едното ниту другото. Ова е целосно и очигледно заташкување, но за жал не и неочекувано“, наведоа тие.
Од друга страна, портпаролот на издавачката куќа оцени дека пресудата претставува „убедлива победа за Дејли мејл и неговите новинари“.
Принцот Хари не одговори на прашањата на Би-би-си за пресудата додека го напушташе настанот организиран во рамките на Игрите Инвиктус во Лондон.
„Сомнежот не е доказ“
Во образложението на пресудата, судијата Никлин истакна дека обвинувањата се многу сериозни и затоа биле потребни цврсти докази.
Како што наведе, седумте тужители не можеле да се потпрат само на сомнежи, туку морале да докажат дека информациите навистина биле набавени незаконски.
Судијата одби да заклучи дека незаконското собирање информации било „распространета и вообичаена практика“ во компанијата „Асошиејтед њузпејперс“, туку секое тврдење го разгледувал поединечно.
Тој ги прифати исказите на новинарите од оваа медиумска куќа што, според неговите зборови, дале законски објаснувања за тоа како доаѓале до информациите за спорните текстови.
Судот, исто така, оцени дека тужителите не докажале дека поранешните уредници Пол Дејкр и Питер Рајт, како и правната советничка на издавачот Елизабет Хартли, лажеле за време на сведочењето пред истрагата на Левесон, кога тврделе дека во редакцијата немало незаконски активности.
Спорните текстови за принцот Хари
Во пресудата, која има 436 страници, судијата го анализираше секој наводен случај на нарушување на приватноста.
Еден од спорните текстови бил објавен во 2013 година, кога кралскиот уредник на „Дејли мејл“ напишал дека принцот Хари Новата година ќе ја помине сам, без тогашната девојка Кресида Бонас.
Во текот на судењето беше изнесено тврдење дека еден хонорарен новинар добил задача незаконски да добие информации за патувањето на Кресида Бонас.
Принцот Хари во писмена изјава рече дека тој текст бил „морничав“ и дека не знаел како новинарите можеле да дознаат приватни информации за неговата врска.
Судијата, сепак, заклучи:
„Прифаќам дека текстот му изгледал наметлив и дека искрено бил загрижен поради тоа како новинарите доаѓале до приватни податоци за неговите врски. Но сомнежот, дури и оправданиот сомнеж, не е доказ.“





