Словенија годинава ќе биде единствената членка на НАТО што за основните одбранбени потреби издвоила помалку од два отсто од бруто-домашниот производ (БДП), беше соопштено на Самитот на НАТО во Анкара.
Според извештајот на НАТО, Словенија годинава за основните одбранбени потреби ќе издвои помалку од 1,2 милијарди евра, што претставува 1,61 отсто од БДП.
Минатата година, заедно со Словенија, помалку од два отсто од БДП за одбраната издвојуваа Албанија и Чешка, кои годинава ги зголемија издвојувањата на 2,15, односно 2,01 отсто од БДП.
На минатогодишниот Самит на НАТО во Хаг беше договорено сите земји до 2035 година да ги зголемат издвојувањата за одбраната на пет отсто од БДП, додека тогашната словенечка влада предводена од лево-либералното Движење слобода се обврза до крајот на оваа година да ги зголеми издвојувањата за одбраната на два отсто, а до 2030 година тие да достигнат три отсто од БДП.
„Не е загрозен само кредибилитетот на Словенија во Алијансата, туку пред сè нашата сопствена безбедност. Дали навистина некој верува дека сме попаметни од преостанатите 31 членка? Пред сè: зошто ветија и потпишаа, а потоа ги лажеа сојузниците, а не направија ништо?“, напиша на платформата Икс актуелниот словенечки премиер Јанез Јанша од десничарската Словенечка демократска партија (СДС), пренесе словенечкиот јавен сервис.
Од друга страна, пет членки на НАТО веќе го исполнија критериумот за издвојување пет отсто од БДП за одбраната, а тоа се Полска, Летонија, Литванија, Естонија и Грција.




