Лидерите се собраа на самитот во главниот град Анкара, надевајќи се дека ќе покажат единство по уште една тешка година, во која војната со Иран повторно ги разоткри пукнатините во Алијансата, која е темел на западната безбедност од крајот на Втората светска војна.
На средбата со турскиот претседател Реџеп Таип Ердоган, Трамп рече дека можеби целосно ќе го бојкотирал самитот на НАТО доколку не биле неговите блиски односи со турскиот лидер и не ја исклучи можноста за натамошно повлекување на американските трупи од Европа.
„Па, ќе видиме. Бев многу разочаран од НАТО“, рече Трамп, издвојувајќи ги особено Велика Британија, Франција, Германија и Италија, бидејќи, како што наведе, не направиле доволно за да ја поддржат американската војна против Иран.
Трамп додаде дека сојузниците „не се однесуваа убаво кон нас“, иако повтори дека ниту сакал, ниту му била потребна нивната помош.
„Пред воопшто да побарам, тие рекоа дека нема да бидат таму, а ние вложивме милијарди долари во НАТО“, рече Трамп.
Трамп изјави дека пред самитот разговарал со рускиот претседател Владимир Путин и украинскиот претседател Володимир Зеленски за завршување на војната што почна во февруари 2022 година.
„Мислам дека и двајцата сакаат договор. Штета што траеше толку долго… Од тоа ќе произлезе нешто“, рече тој.
„Односите со Турција се подобри од кога било“
Додека остро ги критикуваше долгогодишните сојузници, Трамп најави дека Вашингтон ќе ги укине санкциите кон Турција, воведени во 2020 година поради купувањето руски системи за противвоздушна одбрана. Тој, исто така, изрази подготвеност на Турција да ѝ продаде борбени авиони Ф-35.
Говорејќи пред новинарите во турската претседателска палата, Трамп повеќепати го пофали Ердоган, велејќи дека меѓу нив постои „хемија“ и дека односите со Анкара никогаш не биле подобри.
И покрај подобрените односи, турската набавка на рускиот систем С-400 во 2019 година и американските санкции воведени во 2020 година кон голема турска одбранбена компанија, како и исклучувањето на Турција од програмата за невидливите борбени авиони Ф-35, долго време беа болна точка во односите. Решавањето на тие прашања би го отстранило клучниот извор на тензии, но малку е веројатно дека тоа ќе се случи брзо, оценува Ројтерс.
„Ќе ги укинеме санкциите“, им рече Трамп на новинарите непосредно пред средбата со Ердоган за време на посетата на Турција по повод самитот на НАТО. „Време е. Не сакаме да воведуваме санкции против пријатели“, рече тој, додавајќи дека државниот секретар и министерот за финансии на САД работат на тоа прашање.
На прашањето дали го загрижува тоа што Анкара и понатаму ги поседува руските системи С-400, Трамп одговори дека не е загрижен.
„Немам никакви грижи кога станува збор за Турција. Би рекол дека односите со Турција сега веројатно се подобри од кога било.“
Трамп, исто така, навести можна поддршка Турција повторно да добие можност да купува борбени авиони Ф-35, иако не објасни како би можела да се реализира таквата зделка со оглед на правните пречки и противењето во американскиот Конгрес.
„Турција, на многу начини, беше многу полојална од некои други земји за кои мислевме дека ќе бидат лојални… Тоа е одличен авион, најдобар е, убедливо најдобриот авион во моментов. И тоа сигурно е нешто што ќе го разгледаме“, рече Трамп.
Ердоган, исто така, изјави дека се надева на позитивен исход кога станува збор за желбата на Анкара да купи авиони Ф-35.
„За тоа претходно разговаравме со САД и ни беа ветени пет авиони“, рече Ердоган, додавајќи: „Знам дека господинот Трамп секогаш ги исполнува своите ветувања.“
Сојузниците во НАТО сè повеќе ја гледаат Турција, која ја има втората по големина армија во Алијансата и е еден од водечките извозници на вооружени дронови, како бедем против руската агресија на југоисточното крило, додека загриженоста поради човековите права и слободата на медиумите сè поретко јавно се изразува.
Турција се соочува со досега незабележана правосудна пресметка со главната опозициска Републиканска народна партија, вклучително и затворањето на нејзиниот претседателски кандидат, градоначалникот на Истанбул Екрем Имамоглу, главниот ривал на Ердоган.
Руте сака револуција во одбранбената индустрија
Членките на НАТО повеќепати се обидоа да му покажат на Трамп дека го преземаат својот дел од одговорноста.
Генералниот секретар на НАТО, Марк Руте, вчера изјави дека европските земји постигнале „запрепастувачко“ зголемување на издвојувањата за одбраната.
Договорите, за кои еден претставник на НАТО процени дека вредат најмалку 50 милијарди долари, вклучуваат набавка на извидувачки дронови од американската компанија „Нортроп Груман“ од европските земји, како и набавка на авиони од шведскиот „Саб“ за потребите на НАТО.
Акциите на „Саб“ во еден момент пораснаа за повеќе од пет отсто, бидејќи инвеститорите проценија дека компанијата ќе има корист од европското повторно вооружување.
Европската одбранбена индустрија често е критикувана како расцепкана и оптоварена со бирократија и ривалство меѓу компаниите и државите. Поради тоа Европа остана повеќе зависна од купувањето американско оружје.
Слабиот економски раст и потребата да се одржат дарежливите државни системи на социјална заштита, исто така, го отежнаа залагањето за поголеми издвојувања за одбраната во Европа.





