Од партијата велат дека воведувањето една изборна единица отсекогаш било нивна програмска определба и, според нив, претставува единствена суштинска реформа што ќе обезбеди Собрание кое пореално ќе ја отсликува волјата на граѓаните.
Според Левица, актуелниот изборен модел, кој ја дели Македонија на шест изборни единици, во пракса значи дека политичките партии учествуваат во шест различни изборни натпревари, наместо во еден. Наместо сите гласови да се собираат на едно место и според нив да се распределуваат мандатите, секоја изборна единица има посебна пресметка, поради што, како што наведуваат, илјадници гласови остануваат без политичка претставеност.
Оттаму оценуваат дека партија може да добие значителна поддршка на ниво на државата, но да остане без пратенички мандат затоа што гласовите се распределени во повеќе изборни единици. Во случај на една изборна единица, истите тие гласови би се собирале заедно, што, според партијата, би овозможило пореална распределба на мандатите и би го намалило бројот на изгубени гласови.
Во соопштението се наведува и дека сегашниот модел не ја наградува партијата со најголема поддршка на државно ниво, туку онаа што поуспешно ја концентрирала поддршката во одделни изборни единици. Според Левица, секој глас што не се претвора во пратенички мандат ја нарушува пропорционалноста на изборниот резултат и создава дополнителна предност за најголемите партии, со што се одржува бипартизмот.
Партијата посочува и на разликите во вредноста на гласот меѓу изборните единици, наведувајќи дека според актуелната распределба, во Изборната единица 1 за еден пратеник се потребни околу 9.018 гласа, додека во Изборната единица 6 околу 6.662 гласа. Според нив, тоа покажува дека не сите гласови имаат еднаква тежина.
Од Левица порачуваат дека доколку ВМРО-ДПМНЕ навистина ќе го почитува договорот на опозициските партии околу изборниот модел, тогаш очекуваат сите опозициски партии да покажат политичка зрелост и јасно да застанат зад воведувањето една изборна единица како суштинска демократска реформа.





