Драго ми е што правиме тест возење на обновениот железнички коридор, практичната обиколница на Грaдот Скопје, линијата меѓу Дрaчево и Илинден, со која што товарните возови се вадат надвор од Градот Скопје, изјави вицепремиерот и министер за транспорт Александар Николоски кој заедно со директорот на Железници Инфраструктура Синиша Ивановски извршија увид и тест возење.
Со реализација на овој проект, според Николоски, многу се помага во заштита на животната средина и намалување на загадувањето во Скопје имајќи предвид дека товарните возови нема да влегуваат во Град Скопје.
„Ова е проект кој го работеше ЈП Железници Инфраструктура, го заврши во максимално брз рок, во моментов има тест период, за што е потребно да се направи и технички прием и очекувам за дваесетина дена карго возовите да ја користат оваа делница. Тоа ќе значи многу за заштита на животната средина и за намалување на загадувањето во Скопје од една страна, но од друга страна ќе значи побрз карго сообраќај на Коридор 10, што ќе значи повеќе бизнис и повеќе железнички композициии на македонските пруги што многу ќе приоднесе за развој на бизнисот и целокупниот транспорт“, истакна Николоски.
Најави дека не подоцна од 1 септември ќе биде пуштен и Градскиот воз, односно првата линија којашто ќе оди од Зелениково преку Драчево до центарот на Скопје.





