Од македонскиот КИЦ Белград информираа дека на синоќешниот концерт присуствувале бројни познати музички уметници од белградската оперска сцена, бројни дипломати меѓу кои и државниот секретар во Министерството за надворешни работи на Србија, Невена Јовановиќ, како и бројни претставници од македонската заедница во Белград, кои заеднички споделиле „едно исклучително професионално и атрактивно музичко патување насловено како ‘Медитеранска ноќ’“.
Триото „Нова“ го сочинуваат веќе познати и меѓународно афирмирани македонски музички уметници, бас-баритонот Иван Наумовски и браќата Јован и Ѓорѓи Петрушевски, на пијано, обоа и англиски рог.
Посебно воодушевување помеѓу присутната публика предизвикале обработките на познатите традиционални македонски песни, „Не си го продавај Кољо чифликот“, „Море сокол пие“, „Јовано, Јованке“, „Кажи, кажи либе Стано“ и „Македонско девојче“.
Вечерва, триото „Нова“ ќе гостува во Културниот центар Нови Сад, а пред новосадската публика нив ќе ги претстави директорот на КИЦ Белград Васко Шутаров.
Ова е прва институционална соработка помеѓу КИЦ Белград и Културниот центар Нови Сад, остварена во потесна соработка со Националниот Совет на Македонците во Србија и Македонците во Војводина.