Како што се наведува во соопштението од Левица, Апасиев посочил дека 61 пратеник биле присутни во собраниската сала, од кои четворица или петмина биле од ДУИ, што, според него, значи дека ДУИ му обезбедила кворум на ДПМНЕ за да се гласа и да помине првата фаза од законот.
„Што тоа ви кажува? Тоа кажува дека албанската дијаспора, односно дијаспората на Албанците од Македонија кои, меѓу другото, имаат и македонско државјанство, е далеку помотивирана да гласа електронски. Оттука, целта на овој перфиден таен договор е преку таквото гласање ДУИ да стане втората партија со 21 пратеник и да ја надмине СДС“, рече Апасиев.
Според него, на овој начин би се создале услови за повторно коалицирање меѓу ДПМНЕ и ДУИ, со што, како што оцени, би продолжил да важи Мајскиот договор склучен меѓу Али Ахмети и Никола Груевски.
„Тоа е целата квака на оваа изборна квази-реформа, која може и да се озваничи по следните избори, за кои не знаеме кога ќе бидат“, истакна Апасиев.





