вторник, 7 јули 2026

Иран лансираше ракети кон бродови во Ормускиот теснец, се запали танкер

Танкер што пловел покрај брегот на Оман се запали денеска откако беше погоден од ракета во Ормускиот теснец, соопштија британските поморски власти, во најновиот инцидент што ги заострува тензиите на клучната светска поморска рута за транспорт на енергенси.

Фото: Епа

Објавено на

часот

Сподели

Центарот за поморски трговски операции на Обединетото Кралство (УКМТО) соопшти дека бродот бил погоден во близина на областа Лимах во Оман додека пловел јужно од Ормускиот теснец кон Оманскиот Залив. Ракетата ја погодила левата страна на бродот, но не е пријавена штета на животната средина, пренесува Асошиејтед прес.

Иранската државна телевизија, повикувајќи се на неименувани извори, соопшти дека танкерот со течен природен гас бил нападнат откако ги игнорирал предупредувањата и сугерирал дека бродот превезува гас од Катар. Сепак, Техеран официјално не ја презеде одговорноста за нападот.

Иран претходно изјави дека танкерите низ Ормутскиот теснец мора да користат рути одобрени од земјата, предупредувајќи дека секој обид за нарушување на пловидбата на американските сили ќе биде предмет на „брз и решителен одговор“.

Во исто време, мултинационалниот Заеднички поморски информативен центар, управуван од американската морнарица, им соопшти на бродарите дека рутата долж брегот на Оман сè уште е отворена за целиот поморски сообраќај.

Инцидентот се случи во време кога Иран ја одбележува смртта на врховниот лидер ајатолахот Али Хамнеи, кој беше убиен на почетокот на војната започната на 28 февруари. Преговорите меѓу Техеран и Вашингтон за повторно отворање на Ормутскиот теснец, нуклеарната програма на Иран и крајот на конфликтот во моментов се одложени до завршувањето на погребот.

Американскиот претседател Доналд Трамп во понеделник изјави дека Иран мора да постигне договор или Вашингтон ќе „ја заврши работата“, тврдејќи дека САД би можеле да ја уништат енергетската инфраструктура на Иран.

Ормускиот теснец, низ кој минува околу една петтина од светската трговија со нафта и природен гас во мирно време, беше во центарот на регионалните тензии во последните месеци. Компанијата за анализа на пазарот „Кплер“ соопшти дека во текот на изминатиот викенд најмалку 108 бродови поминале низ теснецот користејќи различни правци.

ТОП ВЕСТИ

ПОСЛЕДНИ ВЕСТИ