Вардар ќе настапува во Лигата на шампионите, а добра вест пристигна и за Еурофарм Пелистер, кој доби „вајлд-карта“ за настап во Европската лига на ЕХФ. Од друга страна, ГРК Охрид не ја доби посакуваната покана од Европската ракометна федерација и покрај очекувањата во клубот.
Еурофарм Пелистер ќе биде единствениот македонски претставник во Европската лига на ЕХФ, а ждрепката за групната фаза ќе ја дочека од првиот шешир, меѓу носителите. Извлекувањето на групите е закажано за 17 јули.
Охрид, пак, ќе ги насочи силите кон Европскиот куп на ЕХФ, каде што Македонија ќе ја претставуваат уште Алкалоид, Тиквеш и Бутел Скопје. Охрид и Алкалоид ќе бидат носители во второто квалификациско коло, Бутел Скопје ќе биде меѓу неносителите, додека Тиквеш ќе го започне европскиот настап од првата квалификациска рунда.
Ждрепката за првото квалификациско коло во Европскиот куп е закажана за 14 јули, а три дена подоцна ќе бидат извлечени и групите во Европската лига на ЕХФ. Натпреварите во Европскиот куп стартуваат на 12 и 13 септември, додека групната фаза во Европската лига започнува на 29 и 30 септември.





