понеделник, 6 јули 2026

„Држи се за мене“ на Мирсини Аристиду од Кипар го отвора фестивалот „Преку езерото“

„Држи се за мене“ на Мирсини Аристиду од Кипар ќе го отвори годинашното петто издание на Фестивалот на медитерански и балкански филм „Преку езерото“, кој ќе се одржи од 8 до 15 јули во Дојран, Струмица и Гевгелија. Во рамки на програмата на фестивалот ќе се одржат проекции на два филма во чест на Тони Наумовски, овогодишниот лауреат на единствената награда за високо актерско достигнување во уметноста на филмот „Мето Јовановски“, како и проекција на „Павилјон“ во чест на Мето Јовановски.

Фото: Принтскрин

Објавено на

часот

Сподели

Тони Наумовски е роден во Сиднеј, Австралија. Студирал во Софија, во Сиднеј и на престижната школа на Ли Стразберг во Њујорк, каде дваесет години живее и работи. Наумовски, несомнено е најуспешниот македонски актер на светско ниво. Тој игра во театар, на телевизија и на филм во Америка и надвор, а во последната година со насловната улога од македонскиот филм „Лена и Владимир” има добиено 14 награди за актерско достигнување и неколку номинации на преку 80 фестивали во Америка и светот.

Како што истакна директорот на фестивалот Јани Бојаџи на денешната прес-конференција, идејата на ова признание не е да се додели награда за животно дело, туку награда за творештво, вреднувувајќи го импресивниот пат на Наумовски кој преку Сиднеј и Софија стигна до престижниот институт Ли Стразберг во Њујорк, градејќи кариера во силна меѓународна конкуренција. Доказ за неговиот успех, додаде тој се и минатогодишните 14 награди за актерско достигнување и десетиците номинации на над 80 фестивали ширум светот.

„Иако, според мене, актерството е професија на вечно учење, не постои актер, посебно добар актер, кој еднаш и засекогаш завршил некакво училиште, затоа што животот и проектите од кои влегува и излегува се училиштето со кое цел живот, нели, се соочува. Затоа што професијата актерство е секогаш почнување од почеток. Практично, секој нов проект е прво одделение за актерот. Но, за среќа, ние имаме еден актер кој ги поминал сите вообичаени фази низ кои минуваат актерите во светот, не во Македонија, затоа што Тони Наумовски, според мене, е феноменологија за Македонија, не за светот. Неговиот творечки пат е нормален за каде било во светот, не за нас, затоа што во Македонија актерството главно, нели, се состои на, како што се вели, вработување во државен театар и актерска реализација во театар и нешто малку филм ако се има среќа. Додека патот на Тони е вообичаен пат на сите актери кои ги гледаме по светот“, истакна Бојаџи.

Тој нагласи дека меѓудругото првата и стотата причина Тони Наумовски да биде овогодишен лауреат е фактот што со македонски филм, минатата година е награден 14 пати за актерско достигнување, а добил и други номинации и сето тоа на повеќе од 80 фестивали низ светот.

„Многу е тешко да се најдат соодветни зборови за да се заблагодарам за она што го кажа Јани. ‘Треба да учиме како да живееме, не како да играме’ е една од мислите на големиот режисер Јержи Гротовски, непрестано надградување, барање и освестување на самиот себе, познавање и отварање врати и нови димензии. Се чувствувам благодарно, благословено, привилегирано и понизно да ја добијам оваа награда, која го носи името на човек, Мето Јовановски, којшто играше во лига на светски шампиони, којшто остави за нас сега и за многу идни генерации, верувам, длабоко културно наследство на кое што може да се повикуваме, да учиме, да се воодушевуваме и секогаш да се радуваме дека сме имале еден таков човек од дома“, нагласи Наумовски.

Селекторот на филмската програма, Златко Ѓелески ја претстави богатата фестивалска програма составена од вкупно 49 филмови, од кои дури половината се од домашна продукција, со што фестивалот цврсто застанува зад македонските автори. Од официјалната селекција се избрани шест филмови, со тоа што, како што рече Гелески, сакале да почнат со еден најпрепознатлив белези за Медитеранот, тоа е плажата и  семејните мелодрами, кои се одвиваат на неа.

Годинашното издание на фестивалот ќе биде отворено со кипарскиот филм „Држи се за мене“ на режисерката Мирсини Аристиду. Во официјалната селекција, покрај домашниот претставник „Кома“ на Агим Абдула, ќе бидат прикажани и бугарскиот филм „Месо“ на Димитар Стојанович, како и белгискиот „Мртвиот дијамант“ во режија на Хелен Кате и Бруно Форзани. Ексклузива на фестивалот е интернационалната премиера на иранскиот филм „Коцкарот“ на Мохсен Бахари, а во рамките на програмата „Земја во фокус“ ќе биде претставена современата иранска кинематографија. Официјалната селекција ќе ја затвори дебитантскиот филм „Кармадона“ на познатиот српски сценарист и режисер Александар Радивојевиќ.

„Ќе ја имаме таа можност еден филм да доживее светска премиера во нашата селекција, која ја имаме оваа година и на најдобар можен начин да ја претстави иранската модерна, современа кинематографија, пред сѐ“, рече Ѓелески за филмот „Коцкар“.

Фестивалот, кој годинава ќе пречека над 100 гости, ќе се одвива на локации во три града Гевгелија, Срумица и Дојран. Покрај официјалната програма, предвидени е прикажување на 16 краткометражни филмови, за кои како што посочи Ѓелески, инстирирале што е можно поголем број од нив да бидат македонски филмови, така што десет од тие 16 се домашни и продуцирани во текот на изминатите 12 месеци.

Во студентската селекција има 13 краткометражни остварувања, за кои воспоставиле контакт со трите факултети во Македонија за да го добијат најдоброто коешто го имаат да го понудат и од нив да направат селекција за филмови, во коишто можеби во иднина ќе се кријат автори и авторки,  кои, вели, македонскиот филм ќе го носат на својот грб.

Во чест на лауреатот Наумовски предвидени се два филма.

„’Мојот Њујорк’ го избравме како филмот што ќе претставува американската страна на Тони Наумовски, а македонската страна „Лена и Владимир“, секако дека треба да биде филмот во којшто во најдобро светло го отсликува неговиот перформанс пред камера, така што да се добие една целовитa приказна, ако воопшто може да се добие со оглед на тоа колку голем опус има зад себе Тони“, истакна Ѓелески.

Најави дека ќе има пет посебни проекции на филмови коишто допираат повеќе до регионалното претставување на Македонија, меѓу кои и „Кодот на Преспа“ Николче Поповски.

„Меѓутоа, имаме и три етнолошки филмови кои се врзани токму со регионот помеѓу Гевгелија, Струмица и Дојран, кои ќе бидат составен дел од овој фестивал. И за да биде приказната за Мето Јовановски комплетирана, го имаме последниот филм во којшто Мето Јовановски се има појавено, односно ‘Павилјон’, во негова чест ќе биде прикажан во рамките на фестивалот за да се даде уште една точка во приказната којашто ја доживуваме за него“, рече тој.

Во текот на фестивалот предвидени се четири современи ирански филмови, кои ги селектирале да бидат составен дел како едно најмаркантно прикажување на тоа кои се темите и преокупациите кои ги интригираат режисерите кои творат во Иран. Во насока на поголемо разбирање на иранската кинематографија ќе се одржи интернационален панел како обид да се одговори на прашањето „Кој ќе ја режира иднината на современиот ирански филм?“, односно дали иранскиот филм може да се носи со предизвиците на модерното живеење.

Во рамки на детската програма ќе учествува македонко-хрватска копродукција, односно „Бумбарово лето“, хрватски филм со малцински македонски удел.

Дејан Милошески истакна дека во рамки на придружните активности на фестивалот, освен панел дисусијата за иранскиот филм, предвидени се и две работилници за вештачката интелигенција во филмот и за авторски филм и авторството.

За наградите годинава ќе одлучува меѓународно жири во состав: Мирослав Митиќ (продуцент од Србија), Елеонора Венинова (режисерка од Македонија) и Емили Рише (Франција).

ТОП ВЕСТИ

ПОСЛЕДНИ ВЕСТИ