Од Н.У. „Завод и музеј“ – Битола и Центарот за истражување на предисторијата, информираат дека раководител на истражувањата е д-р Гоце Наумов и кораководител виш кустос Јасмина Гулевска, додека археоботаничките анализи се во координација меѓу д-р Феран Антолин и д-р Амалиа Сабанов.

Во текот на истражувањата се добиле повеќе податоци за архитектурата, материјалната култура, стопанството и обредите на заедницата којашто ја основала оваа неолитска населба. Таа функционирала континуирано во текот на неколку стотици години во почетокот на шестиот милениум п.н.е, односно пред 8000 години. На тој начин, врз старите куќи се граделе нови, со што се формирала тумба висока околу четири метри. Во овие архитектонски слоеви регистрирани се остатоци од десетина објекти градени еден врз друг, додека во текот на истражувањата се работеше на еден од нив. Притоа, се открија подови и ѕидови од живеалишта, како и глинени структури, керамички садови и мноштво мелници за обработка на житото кое што се одгледувало во нивите крај тумбата.
„Интересен куриозитет за истражувањата се два специфични контексти од архитектонски и ритуален карактер. Имено, во рамки на Градба 13 се открија две големи неолитски печки за леб, со аплицирани глинени сандаци за мелење на житото и месење на тестото. Со олед на нивните димензии, тие претставуваат едни од најголемите неолитски печки досега откриени во Европа. Поради ваквата ексклузивност, но и поради нивната кршливост, неоподна е нивна конзервација и заштита. Врз едната од овие печки се откри правоаголна структура во чијшто јужен агол било погребано новороденче, положено во превртен сад. Овој обред е мошне редок меѓу неолитските заедници во Европа и има значајна улога во симболичката врска и идентификација меѓу печката, куќата и садот со човечкото тело и животот. Крај печките се открија дваесетина керамички садови користени за готвење и конзумирање на храната, а дел од нив се декорирани со специфични бели орнаменти и имале репрезентативен, односно церемонијален карактер“, објаснуваат од Центарот за истражување на предисторијата.При истражувањата биле пронајдени и остатоци од жртвеници, модели на куќи и фигурини, што говори за симболичките претстави на првите земјоделци во Пелагонија, додека триесетината камени мелници и алатките од кремен и коска, укажуваат на дел од стопанските активности на ова неолитско население. Покрај стандардните археолошки ископувања се прибираа и примероци за радиокарбон, археоботанички и геоархеолошки анализи, што ќе овозможи прецизно датирање на локалитетот во сите негови фази, а воедно ќе даде и темелен увид во исхраната, домашните активности, климата и природните обележја, карактеристични за оваа населба и нејзината околина.

Од Центарот за истражување на предисторијата велат дека во моментот се подготвуваат неколку трудови со резултати од истражувањата што ќе бидат публикувани во македонски и европски списанија и на тој начин ќе му се даде поширока светска афирмација на овој значаен неолитски локалитет.

Теренските истражувањата на Велушка Тумба се финансиски подржани од македонското Министерство за култура и туризам, додека лабораториските анализи од Германскиот археолошки институт.






