Експертите од Научно-истражувачкиот институт за шумарство од Гетинген доаѓаат од истата институција во која што претходно работел и германскиот ботаничар Аугуст Гризебах кој првпат ја открил моликата на Пелистер во 1839 година, истакна директорот на истоимената јавна национална установа, Иванчо Тошевски.
„Викенд посетата беше во функција на нашата соработка и со цел зачувување на шумските генетски ресурси, идентификација на соодветни семенски насади и одржливо снабдување со шумски репродуктивен материјал од молика, македонска ела, дабови и други дрвни видови од Македонија до Германија. Експертите од овие три институции ги посетија насадите од молика и македонска ела во Националниот парк „Пелистер“ и заедно со претставниците од Националниот парк разменија искуства за мерките за конзервација на шумските генетски ресурси, одгледувачките мерки и репродуктивниот материјал од овие дрвни видови во паркот“, посочи Тошевски.
Од ЈУ Национален парк „Пелистер“ очекуваат соработката со институциите од Германија да се инензивира и Националниот парк „Пелистер“ да биде партнер во идните активности за конзервација на шумските генетски ресурси и примената на одгледувачките мерки и можност за остварување посета на претставниците од паркот во заштитените подрачја во Хесен, Германија.
МИА






