понеделник, 6 јули 2026
Сè уште се собираат докази

Шпионската афера во Кабинетот на претседателката заглави во предистрага, ни по повеќе од половина година нема истрага

Безбедноста на претседателката Гордана Сиљановска-Давкова стана главна тема по аферата за наводна шпионажа во нејзиниот Кабинет. Иако сомнежите беа објавени во јавноста некаде кон крајот на мај, односно пред речиси два месеци, а копирањето на податоците било откриено пред повеќе од половина година, од ОЈО ГОКК за МКД.мк велат дека предметот е во тајна постапка, односно дека за него се води предистражна постапка.

Објавено на

часот

Сподели

„Предметот за кој покажувате интерес е во предистражна постапка и јавниот обвинител презема предистражни дејствија. Со оглед на тоа што предистрагата е тајна, во моментов не можеме да споделиме повеќе детали“, велат од ОЈО ГОКК.

Ова значи дека сѐ уште се собираат докази кои ќе бидат основа обвинителот што ја води постапката да издаде наредба за почнување истражна постапка, но тоа нема да се случи додека не се обезбедат цврсти докази.

Случајот со копирањето на податоци од компјутерскиот систем бил откриен пред повеќе од половина година и пријавен во средината на декември минатата година во МВР и во Обвинителството за гонење организиран криминал и корупција (ОЈО ГОКК), но и по повеќе од половина година нема доволно докази за да се отвори истрага.

ИТ-администраторот, кој е осомничен дека копирал и изнесувал податоци од компјутерскиот систем во вилата Водно, по отворањето на предистражната постапка е отстранет од работното место до завршување на постапката. Обвинителството за гонење организиран криминал и корупција води предистрага поради „постоење индиции за преземени недозволени активности од висок државен интерес“.

Компјутерскиот техничар, кој е осомничен во аферата во претседателскиот кабинет, а која Обвинителството ја истражува како можен шпионски случај, всушност бил пензионер кога било пријавено дека копирал фајлови од компјутер во Кабинетот. За Телма ова неодамна го потврдија два извори запознаени со проблематиката.

Осомничениот бил припадник на елитната армиска специјална единица Волци, каде што бил подофицер задолжен за врски и комуникации. Бил преземен во Кабинетот во времето кога аѓутант на тогашниот претседател Ѓорге Иванов бил генералот Васко Ѓурчиновски.

Осомничениот ја извршувал истата функција и во кабинетот на Стево Пендаровски, а продолжил да работи и во третиот кабинет – актуелниот на Сиљановска-Давкова. На работа во Кабинетот доаѓал како надворешен соработник, а работното место му било во армиските специјални единици, каде што се добива и бенефициран стаж. Поради тоа заминал во пензија, но бидејќи не можело да се добие одобрување од Министерството за финансии за ново вработување, осомничениот продолжил и како пензионер да го опслужува кабинетот на претседателката.

Но, на 24 ноември минатата година, пензионираниот ИТ-службеник предизвикал инцидент кој бил пријавен еден месец подоцна во МВР.

Поранешниот национален координатор за гранично управување и професор по безбедност Владимир Пивоваров неодамна посочи дека треба сериозно да се разгледаат наводите за шпионажа во кабинетот на претседателката Гордана Сиљановска-Давкова. Тој вели дека вербалните докази треба да бидат поткрепени со материјални.

Според него, доколку вакво нешто се случува во највисоката државна институција – Кабинетот на претседателката, тогаш се поставува прашањето што се случува во пониските структури.

Тој е дециден дека сите разузнавачки служби ги штитат интересите на своите држави и дека е сосема очекувано да се обидуваат да навлезат во најчувствителните сегменти, каде што би можеле да дојдат до информации од интерес, вклучително и до разузнавачките информации што ги добива државата како членка на НАТО.

Претседателката Гордана Сиљановска-Давкова, во изјавата што ја даде по пишувањата во медиумите за наводната шпионска афера во нејзиниот Кабинет, рече дека треба да се почитуваат одредбите од Законот за кривичната постапка, како во поглед на пресумпцијата на невиност, така и во поглед на собирањето докази и евентуалното отворање кривична постапка.

„Прво, квалификацијата шпионска афера и слично не сакам да ја коментирам. Второ, кога зборуваме за предистражна постапка, јас нема да ги заборавам зборовите на мојот професор Никола Матовски, професор по кривична постапка. Тој велеше дека во предистражната постапка малку се зборува, а многу се работи, односно се собираат информации“, изјави претседателката кон крајот на мај.

Сиљановска-Давкова тогаш истакна дека никогаш не ги толкува постапките на другите органи.

Во соопштението на ОЈО ГОКК во мај беше наведено дека по добиеното известување на 18.12.2025 година од МВР – Сектор за компјутерски криминал, кое се однесува на настан од 24.11.2025 година и на постоење индиции за преземени недозволени активности од висок државен интерес, истиот ден била отворена предистражна постапка и веднаш биле преземени сите неопходни мерки и активности во согласност со законските надлежности.

Предистражната постапка сѐ уште трае. Според Законот за кривична постапка, истражната постапка се поведува против определено лице кога постои основано сомневање дека сторило кривично дело за кое се гони по службена должност или по предлог. Но, засега нема доволно докази за постоење основано сомневање.

К. Додевска

ТОП ВЕСТИ

ПОСЛЕДНИ ВЕСТИ