„Левица со денови јавно зборува за принципи, демократија и една изборна единица, а кога на маса беше ставен договор во кој беа прифатени нивните барања, решија да го блокираат процесот и Изборниот законик.
Левица на чело со Апасиев потврди дека нивната политика не се темели на принципи, туку на дневен политички маркетинг и пресметана конфронтација. Левица избра да прави политички театар И вештачки кризи со цел да соберат политички поен плус наместо напредок, реформи и современ и функционален Изборен законик.
Левица избра да се служи со провиден политички маневар иако фактите се јасни, беше постигнат широк политички консензус и беа прифатени решенија кои ги бараше и Левица. Тие избегаа од договореното, Апасиев се повлече и одлучи да го блокираат процесот. Граѓаните на дело го видоа лицемерието и двојните стандарди на Апасиев и Левица.
Единствено што му е важно на Апасиев се повеќе пари, Апасиев едно зборува пред камерите, друго прави зад затворени врати глумејќи тврдокорен. Левица нуди само популизам, нема решенија, Апасиев нуди само блокади.
На Македонија ѝ се потребни институции што функционираат и политичари што стојат зад својот збор, а не политички претстави и евтини маневри како тие на Апасиев и Левица кои заедно со Венко Заев и СДС ги кочат реформите. Граѓаните не им веруваат на квази политичари кои ги интересираат само сопствени интереси и пари, впрочем за тоа говорат и анкетите каде СДС и Левица ја губат поддршката од народот“, се вели во реакцијата на ВМРО-ДПМНЕ.






