понеделник, 6 јули 2026

Халанд со два гола го сруши Бразил и ја одведе Норвешка во четвртфиналето на СП (ВИДЕО)

Норвешка приреди изненадување на Светското првенство и го елиминираше Бразил, славејќи со 1-2 (0-0) во осминафиналниот натпревар одигран на „МетЛајф стадион“ во Њу Џерси. Херој на скандинавската селекција беше Ерлинг Халанд кој постигна два гола за пласман во четвртфиналето.

Фото: ЕПА

Објавено на

часот

Сподели

Норвежаните уште во четвртата минута ја затресоа мрежата преку Патрик Берг, но погодокот беше поништен поради недозволена позиција во зачетокот на акцијата. Бразил доби одлична можност да поведе кога беше досуден пенал по прекршок врз Матеуш Куња, меѓутоа Бруно Гимараеш не успеа да го совлада Орјан Ниланд.

До крајот на првото полувреме Бразил се закани преку Данило и Винисиус Жуниор, додека на спротивната страна голема шанса не искористи Мартин Одегард. Во вториот дел Ендрик не реализираше одлична можност, а потоа се обиде и Рајан, но Ниланд повторно беше на висина на задачата.

Норвешка поведе во 79. минута кога Шнелдруп одлично нафрли, а Ерлинг Халанд со удар со глава го совлада Алисон Бекер за 0-1.

Само неколку минути подоцна напаѓачот на Норвешка повторно се запиша меѓу стрелците, откако доби топка откосо и со силен удар погоди во спротивниот агол за 0-2.

Во судиското продолжение нововлезениот Остигард направи пенал, а Нејмар во 100. минута ја затресе мрежата за конечни 1-2.

Во четвртфиналето Норвешка ќе игра против победникот од осминафиналниот дуел меѓу Мексико и Англија.

ТОП ВЕСТИ

ПОСЛЕДНИ ВЕСТИ