сабота, 4 јули 2026
Братислав Димитров

Објавено на

часот

Сподели

КОЛУМНА

Еден ден можеби ќе станеш човек

Човек без тајна е нечовек. Џабе му се „коњи врани“, златен саат и членство во друштво на писатели. Само човек со тајна е господин човек. Што значат сите оние минерали, елементи и разни хемиски соединенија без нејзиното височество тајната? Ништо. Куп ѓубре, како и секое друго. Тајната е вселенска воздишка која ја убива баналноста во која секојдневно се давиме. Дава мистериозност и тајновитост на животот. Тајната е златен зрак што ги разделува и спојува денот и ноќта. Јавето и сонот. Тајната е секси.

Кога веќе мора да арчиме метафори, животот без тајна личи на ѕиври што се сушат на жица во двор до најпрометната улица, населена со алапачи и трачери. Луѓето ја доверуваат својата тајна на другите, во мигови кога се осамени и кревки. Тоа е додатен мотив на суровите убијци на госпоѓата тајна. Веднаш „во поверење“ ја кажуваат на сите, гладни за шунд и кич. Светското искуство кажува дека тројца можат да чуваат тајна, ако двајцата се мртви. Македонецот кажува: „Секако дека можам да чувам тајна. Проблемот е што јас ја чувам во група, а не сам“. Така единствена приватност што нѝ остана е само во тоалетот, барем засега.

Во старо време не беше така. Тогаш луѓето ја чуваа тајната сè до својата смрт, а многумина и после таа природна формалност. Само малкумина од нив пред да се разделат од својата благородна душа, ја соопштуваа тајната, но само во кругот на своето семејство. Добро, имаше и тогаш по некоја лажна тревога. Лежи, на пример, завалијата на смртна постела. Неговите најблиски стуткани како букет до него, му дишат во врат и чекаат конечно да ја слушнат тајната. Тоа трае со денови и ноќи, а понекогаш и со месеци. Имаше и случаи кога „отпишаниот“ ќе срипа од постелата како „кукурек“ и ќе ги надживее сите, без никаква почит кон основните медицински закони.

Овој пат не беше така. Лежи несреќникот во постела пожолтен како канаринец и после една вечност отвора уста како врата од сеф. Сите се претвораат во уво и ги чекаат последните зборови. Конечно да разберат каде ги сокрил домаќинот заштедените пари, некој златник или слично. Домаќинот едвај некако успева да прошепоти „таму“. Наследниците едногласно инсистираат на прецизен опис на дотичната локација, пошто апстрактното размислување „било за политичари“. Кандидатот за „вечни ловишта“ го користи и правото на психолошка пауза. И после неколку непроспиени недели, конечно пополека ја подигнува раката и покажува во долго очекуваниот правец. Сите ги вртат разбушавените глави во тој правец и… „Таму“ здогледуваат само една тегла со ајвар! Најпаметниот од нив, ја зема проклетата тегла и му ја тутнува в раце на болниот. А после сите заедно излегуваат од собата и влегуваат во еден феномен што нашите надреалисти го нарекуваат секојдневие. Ништо лично. При секоја посета на „вечниот дом“, тие редовно му оставаат една тегла со ајвар, колку да не остане гладен во вечноста.

И бидејќи сите текстови имаат само една цел, да го прикажат авторот храбар, чесен, убав и мудар, а сите останати негде под неговите ценети колена, да не губиме време. Ќе раскажеме една вистинска приказна од минатото, во која повторно авторот е во главна улога, а сите останати се бедни епизодисти. Приказната се случува во моето маало старо „Тафталиџе“. Од улицата „Рузвелтова“ (тогаш „557“) па сè до денешните кафичи „Ли“, „Капри“, „Пиано клуб“, „Млечен ресторан“ сега „Форум“, беше мојата слободна територија. Тука ги учев првите животни лекции за доброто и злото.

Нормално, во тоа време немаше ниту една од денешниве глупави згради. Имаше куќи и дворови, полни со небо и птици. Имаше добри луѓе, детелина, жито, овоштарници, вересија, аванс, нежни ѕвездени ноќи и стокови резерви со романтика за безброј љубовни серии. Беше тоа време кога социјалистичкиот реализам го доживуваше својот зенит, а ние својот очај. Неподносливи дози на оптимизам и предвидлив крај со наравоучение, после кое ние требаше да станеме попаметни. И комплетно спремни за забрзување на социјалистичкиот развој на патот кон комунизмот. Званичната стварност беше како кафе со десет лажичиња шеќер. Нешто слично како денешнава транзиција, само накај капитализам кој е маскиран Дарвинизам.

Некаде во тоа време, како мелем на лута рана, се појавија првите капиталистички авантуристички филмови и романчиња. Еден од првите гледачи и читачи на тие неверојатни чуда беше мојот братучед Теодос Димовски-Досе, човек со огромно и бестрашно срце. Уште после првиот филм и романче тој побегна од дома и во истиот миг стана херој за сите нас што моравме да итаме накај дома пред првиот мрак.

Во најдалечниот и најгустиот дел од бескрајното зеленило, тој си изгради колиба според стандардите на колегата Робинзон Крусо. Откако неговите резерви на пари и храна храбро издржаа едвај неколку дена, тој преку еден копиљ од маало ме повика на средба на договореното тајно место. Таму јас ја добив од него таа чест и доверба да украдам од дома нож и сол и скришно да му ги донесам. Идејата беше едноставна. Досе беше гладен, а околу него се шетаа без врска еден куп кокошки.

Само што се стемни. Ги земам нарачаните работи, ги ставам под џемперче и тргнувам… Во истиот миг како да изникнаа од земја, се испречија пред мене татко ми и вујко ми, таткото на Досе. Ме прашувааат „каде“, јас им одговарам „никаде“. Тие ми даваат уште неколку шанси „со убаво“, јас нормално ги одбивам, а тие уште понормално почнуваат да применуваат практична педагогија. Летаат шамари од сите страни, а јас се дерам, клоцам и гризам, ама ништо не кажувам! Тоа беше првиот и последниот ќотек што сум го изел во животот, ама се исплатеше. Другиот ден тато ме зема в раце, ме стави на неговото колено, ме погали, ми го даде најголемото чоколадо во социјализмот и ми рече: „Сине, наше беше да те тепаме, а твое да кажеш или да не кажеш. Ти не кажа. Добро е. Еден ден можеби ќе станеш човек“.

Излегов на улица горд и важен. На кристалното небо едно ветре развигорче си играше одбојка со неколку палави облачиња. Една чучулига трепереше како срце од срна во најдлабокото синило. Во тој миг бев толку многу голем, што можев да ги допрам нејзините топли и нежни пердувчиња.

П.С.

Митот за нашиот Робинзон Крусо живееше долго време. Имаше деца што чекаа нивните родители да добијат стан, за да можат да побегнат од дома.

Братислав Димитров

КОЛУМНИ

Билјана Ванковска

250 години подоцна: геноцидот раѓа геноцид

Ребека Иванова

Кривично-правен третман на actio libera in causa (самодоведување во непресметлива состојба)

Ристо Цицонков

Климатски промени – парите го вртат светот

Љубомир Николовски

НБА како дистописко огледало на модерното општество

Драган Даниловски

Време е за „Здравствен устав“

Братислав Димитров

Последниот поглед на Веско

ПОСЛЕДНИ ВЕСТИ