сабота, 4 јули 2026

Аргентина го преживеа херојскиот настап на Зеленортските Острови (ВИДЕО)

Актуелниот светски шампион Аргентина едвај го преживеа дуелот против аутсајдерот Зеленортските Острови, славејќи по продолженија со 3-2. Храбриот противник, кој доаѓа од мала земја со околу 500.000 жители, пружи неверојатен отпор и малку фалеше да направи првокласна сензација, но Аргентинците по 120 минути сепак се протнаа во осминафиналето.

Фото: ЕПА

Објавено на

часот

Сподели

Случувањата на теренот ги демантираа сите претходни прогнози кои предвидуваа лесна победа за фаворитот. Фудбалерите на Зеленортските Острови одиграа херојски меч за својата татковина и со прикажаната игра ги освоија срцата на фановите ширум светот.

Работите тргнаа според планот за Аргентина во 29. минута кога Лионел Меси ја искористи асистенцијата на Лисандро Мартинез и погоди за 1-0, стигнувајќи до својот 20. гол на Мундијалите. Минималната предност остана на сила до крајот на полувремето.

Во вториот дел, по 15 минути игра, следуваше ладен туш за фаворитот. Дуарте се најде во одлична позиција и го израмни резултатот на 1-1, носејќи огромна радост за својата селекција.

Резултатот не се менуваше до истекот на 90-те минути, по што борбата продолжи во две дополнителни продолженија од по 15 минути.

Веднаш на стартот од првото продолжение, Лисандро Мартинез ја врати предноста на својата репрезентација, погодувајќи за 2-1.

Но, упорните Островјани повторно најдоа одговор. Во 103. минута Лопес Кабрал постигна фантастичен гол и одново ја шокираше аргентинската одбрана за 2-2.

Победникот конечно беше одлучен во 111. минута кога по голем притисок на Аргентина, Боргес си постигна несреќен автогол кој значеше конечни 3-2.

Во самиот финиш Зеленортските Острови тргнаа на сè или ништо и имаа изгледни прилики за трето израмнување, но аргентинскиот голман со неколку клучни интервенции спречи сензација.

Аргентина во следната рунда од елиминациите ќе се соочи со селекцијата на Египет.

ТОП ВЕСТИ

ПОСЛЕДНИ ВЕСТИ