сабота, 4 јули 2026

Славен турски комичар уапсен поради шеги за Ердоган (ВИДЕО)

На еден од најпопуларните турски стендап комичари Дениз Гокташ суд во Истанбул му одреди откако беше задржан на главниот градски аеродром за настап кој е прегледан 9,4 милиони пати на Јутјуб. Гокташ е обвинет за „поттикнување омраза и нетолеранција“ и навредување на претседателот Реџеп Таип Ердоган, пишува Би-би-си.

Фото: Принтскрин

Објавено на

часот

Сподели

Тој е последниот во низата изведувачи кои се цел на репресиите против дисидентите во Турција, кои исто така се насочени кон активисти, новинари и други јавни личности. Во последните недели, пристапот до сметките на бројни ЛГБТ организации и активисти на социјалните мрежи е блокиран, додека повеќе од 200 лица се приведени пред самитот на лидерите на НАТО, кој се одржува следната недела во главниот град Анкара.

За самитот на 7 и 8 јули, чиј домаќин е Ердоган, а на кој американскиот претседател Доналд Трамп ќе се сретне со своите европски колеги, распоредени се десетици илјади припадници на безбедносните сили. Минатиот месец беа приведени новинари, адвокати, академици, синдикалисти, еколошки активисти и ЛГБТ активисти.

Властите во Анкара воведоа забрана за протести до 10 јули, а независните турски медиуми се пожалија дека им е одбиена акредитацијата за покривање на самитот. НАТО соопшти дека остава на земјата домаќин за да обезбеди пристап, но дека е во контакт со турските власти.

Меѓу приведените кон крајот на јуни беа волонтери на една од најпознатите турски еколошки организации, Фондацијата Тема. Фондацијата објави дека многу од приведените биле пензионери кои се враќале од патувања во природа, а повеќето од нив подоцна биле ослободени.

Дениз Гокташ беше уапсен по враќањето во Истанбул од одмор, а снимката на која е одведен со врзани раце зад грб веднаш предизвика критики од неговите поддржувачи. Откако бил испрашуван од обвинителите во судницата Чаглајан во Истанбул во петокот, судот го одобрил барањето за притвор за делот од настапот кој се однесувал на Ердоган и Куранот.

Канцеларијата на главниот јавен обвинител во Истанбул објави дека властите примиле 185 жалби против видеото на Гокташ. Турскиот орган за верски прашања го спомна неговиот стендап настап, без да го именува Ѓокташ, во својата неделна петочна проповед што се чита во сите џамии во земјата. Канцеларијата на главниот муфтија се пожали дека употребата на дигитални платформи „и повременото исмејување на нашите свети вредности под маската на хумор ги отуѓуваат нашите деца од нашите вредности од ден во ден“.

Неговото видео е снимено на најпознатата сцена на отворено во Истанбул на 1 јуни и објавено на Јутјуб на 24 јуни. „Тој настап го гледале во живо повеќе од 10 милиони луѓе и никој не се пожали дека тој конкретен дел го навредил“, кажа тој.

Благодарение на записникот од истрагата во Канцеларијата на главниот јавен обвинител во Истанбул, објавен од независниот турски портал Бианет, откриени се точните цитати од настапот „Олу Дениз“ кои на комичарот му ги донеле обвинувањата за навреда на турскиот претседател и религиозните вредности. Обвинителството изолирало три клучни шеги за Ердоган.

Во првиот, комичарот се занимава со харизмата на Ердоган: „Ќе кажам нешто малку непријатно, никогаш не сум го сакал Реџеп Таип Ердоган. Нема ниту една минута во мојот живот каде што се согласувам со неговите ставови, но тој е харизматичен лидер. Висок е, како успева да ги држи мустаќите секогаш скратени на точно исто ниво?“

Во друга контроверзна шега, Гокташ го исмева претседателот низ призмата на видео за личен развој на Јутјуб: „Знаете, не само добронамерните луѓе ги гледаат тие видеа за личен развој на интернет; ги гледаат и овие ликови. Очигледно еден ден наишол на навистина добро видео па си кажал: „Да, зошто се ограничуваш веќе 30 години? Социјалниот притисок, уставот и сè тоа… само биди свој, излези од својата школка, Таипе“.

Во третата шега, комичарот (кој инаку е дипломиран психолог) фантазира да биде терапевт на Ердоган, по пат провоцирајќи го за непотизмот: „Можеби оди на терапија. Дефинитивно оди, има пари и можности. Јас сум дипломиран психолог и не може а да не замислам – ех, кога би можел да му бидам психотерапевт на Ердоган. Платата мора да е одлична, очигледно би траела со години, сигурно има некои скриени погодности… работата создадена за мене. Но, тие никогаш не би ми ја дале, сигурно вработиле некој од роднините за парите да останат во семејството“.

Кога станува збор за обвинувања за „навреда на исламот“, се дознава дека е мета на турските радикали, како што е претседателот на партијата ББП Мустафа Дестиџи, кој јавно му се закани на комичарот со судбината на писателот Салман Ружди, поради сатиричен сегмент за Куранот. Гокташ во настапот коментирал дека „четвртата книга му е омилена“ и се пошегувал за амбициозноста на авторот кој „тврди дека тоа е последната книга во 600-тите, токму во времето кога нови книги тукушто почнувале да излегуваат, што создава проблем за писателот ако подоцна му се појави нова идеја“.

Критичарите на Гокташ го гледаат притворањето како дел од поширок шаблон во Турција насочен против јавни личности. Хјуман рајтс воч предупреди на „далекусежни ограничувања наметнати врз главната опозициска политичка партија, медиумите и слободата на изразување воопшто“.

Најголемиот политички ривал на Ердоган, градоначалникот на Истанбул Екрем Имамоглу е во затвор повеќе од една година и беше суден минатиот март по бројни обвиненија, вклучително и корупција. Опозициската Републиканска народна партија (ЦХП) на Имамоглу се соочи со широка репресија, која ЦХП ја осуди како „судски напад“ против турската демократија.

Во мај суд во Анкара го разреши целото раководство на ЦХП, вклучувајќи го и претседателот Озгур Озел, и го замени со ветеранскиот лидер на партијата Кемал Киличдароглу, кој загуби од Ердоган на последните претседателски избори.

Толпа се собра пред судот Чаглајан во Истанбул во петокот во поддршка на притворениот комичар, а во судот се слушнаа извици „предавник“ по пристигнувањето на Киличдароглу. Киличдароглу го критикуваше апсењето на Гокташ на аеродромот со лисици, велејќи дека треба да биде ослободен. Сепак, поддржувачите на опозицијата го гледаат неговото повторно назначување за претседател на ЦХП како официјален обид за неутрализирање на партијата. Демонстрантите делумно го обвинија 77-годишникот и за фактот што младите луѓе се мета на владата.

Здружението за следење на слободата на говорот Медиа енд ло стадис асосиејшн, соопшти дека Гокташ се соочува со затвор „поради шегување“ и посочи дека сатирата е заштитена со турскиот устав и Европската конвенција за човекови права.

ТОП ВЕСТИ

ПОСЛЕДНИ ВЕСТИ