сабота, 4 јули 2026

„Скопско лето“ – документарен филм за историјата на семејството Шуплевски

Краток документарен филм насловен „Шуплевски – ехо низ времето“ ќе биде прикажан вечер во Музејот на Град Скопје. Автор на проектот е Викица Костоска Пенева – музиколог и професор по пијано. Прикажувањето на филмот е во рамки на 47. издание на фестивалот „Скопско лето“, што се одржува во организација на Дирекцијата за култура и уметност.

Објавено на

часот

Сподели

„Шуплевски – ехо низ времето“ низ архивски материјали, сведоштва и музички записи ја следи повеќегенерациската приказна на семејството Шуплевски, чие дејствување оставило длабок белег врз развојот на современата македонска музика. Потекнувајќи од старото скопско маало Чаир, семејството Шуплевски повеќе од еден век е активно присутно во музичкиот живот преку диригирање, хорско пеење, инструментална изведба, музичка педагогија, компонирање и концертна дејност. Од Трајко Шуплев, преку Драган, Гане и Богданка Шуплевски, па сè до денешните генерации музичари, нивната уметност претставува жив континуитет на музичката традиција и современиот македонски музички израз, информираат од „Скопско лето“.

Филмот претставува омаж на семејството кое низ четири генерации ја обликува културната сцена на Скопје и Македонија, оставајќи трајно наследство во музичкото образование, оркестарската и камерната музика, како и во развојот на институциите и концертниот живот. „Шуплевски – ехо низ времето“ е сведоштво за силата на семејната традиција, посветеноста кон музиката и културното наследство што продолжува да живее и денес. Влезот е слободен.

Во Едукативниот културен центар Лабораториум, пак, напладне почнува дводневниот тату настан на Етернити тату студио.

ТОП ВЕСТИ

ПОСЛЕДНИ ВЕСТИ