Но, ова не е приказна за нас, туку за оние што нè менторираат и божем заштитуваат – со поглед од Калето. Нашите политички, јавни и естрадни личности веќе ги истакнаа фотографиите од приемот на американската амбасада со побожно чувство на лојалност и восхит токму кон оние што ни го сменија и името и презимето. Но, како што реков, не е овој текст за плачење над нашата судбина (за која се виновни домашните квислинзи, а не другите), туку за еден крвав мит од кој се зачнати САД.
Денот на независноста (овековечен и преку холивудските филмски спектакли во кои храбрите Амери ги победуваат дури и вонземјаните) е Ден на срам за добар дел од американската јавност. Американската револуција и Декларацијата на независноста ќе ги најдете во сите учебници по политичка историја, уставно право, па дури и тие за човекови права. За популарната култура и да не зборувам… Американците живеат и растат, но и уништуваат сè хумано околу себе, со лагите за својата судбина и исклучителност. Велам „лагите“ затоа што наративот што го шират за себе не почива на факти. Ако ја сакате вистината за САД треба да прочитате книги кои се фактички забранети, особено во училишниот систем, почнувајќи од „Народната историја на САД“ од Хауард Зин. Таа нераскажана и непризната историја е дотолку болна и помачна колку што ги надминува границите на оваа држава. Историјата и денешнината на САД, за жал, се сè уште дел на историјата на човештвото: каде стапнала американска чизма, трева веќе не расте! Каде што има американска амбасада, таму нема ни слобода ни демократија – само компрадори, лојалисти и робови.
Јубилејот од 250 години е само повод да се прегледа долгата листа на злосторства сторени за и во име на оваа држава, којашто арогантно ја нарекуваат Земја на слободните; суштината е далеку повознемирувачка. Не, нека не ве лажат. Секој оној што бил таму извесно време ја знае сјајната (кичеста и вештачка) страна, ама ја видел и темната страна на ужасните социјални разлики, бездомништво, сиромаштија, необразованост, деликвенција, дискриминација, насилништво и ароганција. Знам дека моите американски пријатели нема да ми се налутат за овие зборови, бидејќи најголемиот дел од нив се доволно совесни и чесни луѓе кои се срамат од својата земја. Таа е зачната во злосторство уште во времето на Колумбо, кога освојувачите на континентот го започнуваат својот долг геноциден од: од домородното население (кое на крајот ќе се сведе на мал безначаен процент од оригиналната популација од 10 милиони луѓе), до „пионерите“ и до робовите од Африка. Кругот денес се затвора преку легализацијата на геноцидот во Газа и војната врз Иран. Но, никако не смееме да заборавиме и дека државата која денес слави четврт милениум постоење е единствената на светот која употреби атомско оружје. Јапонците можеби простиле, но никој од нас не смее да мисли дека тоа е крај на можниот Армагедон. Останаа неказнети за сите злосторства што ги сторија и што ги вршат додека го пишувам овој текст.
Кога би правела попис на војните, интервенциите и домашните егзекуции, еден текст би бил премал. Поголем дел од историјата на САД е историја на злото. Зошто тоа опстојува и натаму, тоа е вистинското прашање. САД ја нарекуваат глобална држава или дури и единствена суверена држава – затоа што прави што сака и минува неказнето. И да не заборавиме, оваа држава не само што ја има ставено Европа (поточно ЕУ) во вазалска позиција, туку и добар дел од светот – преку своите близу 800 воени бази на различни меридијани. Повеќе европски држави (балтичките, но и Полска, Романија, Бугарија, Белгија итн.) се нудат да бидат домаќини на нуклеарни бази, но во мрежата се фатени и Јапонија, Јужна Кореја, Филипини, па дури и Австралија. Сите работат за американскиот военоиндустриски комплекс, верувајќи дека работат на самоодбрана.
Додека жртвите на американскиот хубрис се или мртви или исплашени (ние сме некаде меѓу двете категории, ни живи ни мртви), некои храбри луѓе успеваат да ја кажат вистината за својата земја. Нивната листа не е мала, но останува листа на поединци со огромен интегритет и храброст. Првите двајца кои ми паѓаат на ум се принстонскиот професор Ричард Фолк (прочитајте ги неговите мемоари) и Џефри Сакс (кој е ѕвезда на алтернативната медиумска сфера, но не и на мејнстримот, иако е професор на престижниот Колумбија универзитет). За Чомски е тешко да се зборува поради фајловите кои укажаа на неговата поврзаност со Епстеин (иако не индицираат кривични и неморални дела). Но, затоа секогаш кога ќе стане збор за суштината на оваа држава помислувам на историјата која ја раскажа Хауард Зин во неговата (речиси забранета) книга „Народната историја на САД“. Тоа е историја во која „зборуваат“ жртвите, а не победникот на колонијалното и империјално владеење, но и на класната борба. Зин ја опишува долгата траекторија на освојувања и создавање на „машината“ преку злосторствата со „чистење“ на домородното население, ограбувањето на нивната земја и уништувањето на нивната култура, преку ропството и плантажите, и сè до Виетнам и интервенционизмот низ светот. Приказната на Зин е и приказна за храброста, отпорот и за невидливите херои кои се бореле за една поинаква Америка.
Но, да се вратиме на прославата. Се чини како чудна (ама на бизарен начин праведна) иронија на судбината што празникот го одбележува претседателството на Трамп. Ова е вистинското лице на Империјата. Unplugged, uncensored. As is. Кич, вулгарност, неписменост, надменост, отсуство на совест или чувство на одговорност (Државата тоа сум јас, е мотото на Трамп. А тој и неговата држава се над правото и моралот.) Тој сепак е капетан на Титаник, бидејќи бродот тоне иако недоволно брзо за нечиј вкус. Творците на Декларацијата на независноста (татковците на американскиот Устав) се сметаат за олицетворение на доблести, на утописка визија на земја која нема да ги повтори грешките на монархиите и империите од Европа, а најмалку нивната воинственост. Иако, во стварноста, додека пишувале за „правото на среќа“ биле и сопственици на робови. Американската револуција своевремено била инспирација за многу други движења во Европа, но сега е на дело чиста контрареволуција, ненашминкана. Нејзините денови се одбројани, иако тоа навидум не е така. Дури и ако грешам во процената, ако преживее – тоа е веќе живот на отпадник. На некој кој не е сакан и почитуван и покрај сета пропаганда. Попусто некои ТВ проекти кај нас се самокамшикуваат и страдаат што имаме само ве-де амбасадорка која (замислете!) не се мешала доволно во нашите внатрешни работи. Е дотаму стасува американската мека моќ и „јавна дипломатија“ – до грантистите платени да продаваат бајки за најопасната држава на светот, која има моќ и доволно непресметливост во својот пад да го повлече и светот со себе.
Во 1999 година, Јохан Галтунг одржа јавно предавање кое го почна со зборовите: „Светот има проблем. Тој проблем има име. Неговото име е САД.“ Галтунг веќе не е меѓу нас, но неговата дијагноза е точна. Останува да видиме дали светот ќе се разбуди навреме.
Билјана Ванковска












