понеделник, 6 јули 2026

Во Турција приведени повеќе од 100 анти-НАТО демонстранти (ФОТО)

Повеќе од 100 учесници на протестот против НАТО организиран од Комунистичката партија на Турција беа приведени во Анкара, додека полицијата употреби солзавец за да го растера собирот.

Фото: Епа

Објавено на

часот

Сподели

Турските власти приведоа повеќе од 100 лица кои учествуваа на протестот против НАТО организиран од Комунистичката партија на Турција (ТКП) вчера во Анкара, пред самитот на лидерите на НАТО закажан за 7 и 8 јули во Анкара, објави ТКП.

Турција ќе биде домаќин на лидерите на 32 сојузници на НАТО, како и на претставници од партнерските земји, во Анкара во вторник и среда, објави британската агенција Ројтерс на својата веб-страница.

Властите ги заострија безбедносните мерки низ Анкара во пресрет на самитот, забранувајќи демонстрации, подигнувајќи барикади и затворајќи патишта во многу делови од градот.

ТКП соопшти дека организирала демонстрации во центарот на Анкара, додавајќи дека повеќе од 100 членови на партијата, вклучувајќи и функционери, се приведени.

Фотографиите на социјалните мрежи покажуваат како демонстрантите мавтаат со знамиња и извикуваат слогани како „НАТО, убиец, излези од земјата“, додека полицијата за немири употреби солзавец за да ја растера толпата.

Стотици луѓе маршираа на уште една демонстрација на ТКП во Истанбул, а во градот се одржаа и два други собири организирани од левичарски групи. И покрај силното полициско присуство, во Истанбул не беа пријавени судири.

Владата не се огласи за демонстрациите и апсењата.

ТОП ВЕСТИ

ПОСЛЕДНИ ВЕСТИ