Производите што преку своето име, амбалажа, национални симболи, фотографии, пејзажи или други визуелни елементи оставаат впечаток дека потекнуваат од една држава, а всушност се произведени во друга, можат да ги доведат потрошувачите во заблуда и таквата практика е забранета со македонските прописи, велат од Агенцијата за храна и ветеринарство (АХВ) во одговорите на прашањата што МКД.мк ги достави АХВ. Оттаму објаснуваат дека секојдневно, при инспекциските контроли кај производителите и во прометот, се проверува и начинот на означување на храната. Освен редовните надзори предвидени со годишниот инспекциски план, контроли се спроведуваат и по претставки од граѓани, сомнежи или известувања преку европскиот систем за брзо предупредување за небезбедна храна (РАСФФ).
Амбалажата не смее да лаже
На полиците во маркетите секојдневно можат да се најдат производи чиј дизајн силно асоцира на друга држава – пакувања со бои од италијанското, грчкото или француското знаме, фотографии од медитерански пејзажи, препознатливи архитектонски обележја, традиционални национални мотиви, како и имиња напишани на странски јазици или со фонтови што оставаат впечаток дека производот е увезен.
Во пракса, не е реткост потрошувачот прво да ја забележи амбалажата, а дури потоа, со ситни букви на задната страна од производот, да открие дека храната е произведена во сосема друга држава. Токму затоа законската рамка не се ограничува само на тоа дали земјата на производство е наведена на декларацијата, туку бара целокупната презентација на производот да не создава погрешен впечаток за неговото вистинско потекло.
Иако годинава Одделението за заштита на потрошувачите при АХВ не евидентирало претставки што конкретно се однесуваат на лажно географско потекло на производите, регистрирани се седум иницијативи од граѓани поврзани со неправилности во означувањето на производите.
Сепак од АХВ не откриваат дали досега е изречена мерка или санкција поради амбалажа што создала лажен впечаток за географското потекло на храната.
Од АХВ велат дека Законот за безбедност на храната забранува операторите со храна да ги доведуваат потрошувачите во заблуда во однос на земјата или местото на потекло на производот. Дополнително, не е дозволено користење слики, цртежи, знаци, текстови или други елементи што можат да создадат погрешна претстава за идентитетот, потеклото, составот или својствата на храната.
„Операторот со храна не смее во информациите поврзани со храната лажно да ги наведува потрошувачите за земјата на потекло или место на потекло. Не е дозволено означување и рекламирање на храна со податоци кои сугерираат на лековити својства поврзани со превенција или лекување на заболувања, потенцирање на специфични својства на храната кои се слични со друга храна со ист квалитет, како и употреба на слики, цртежи, знаци, изрази и текстови што потрошувачот би можеле да го доведат во заблуда во поглед на идентитетот на производот, потеклото, составот, својството, намената и дејството на производот. Oттука, важечките прописи предвидуваат информацијата за земјата на потекло или местото на производство да биде јасно, видливо, читливо и недвосмислено презентирана, без можност за доведување на потрошувачот во заблуда во однос на вистинското потекло на производот“, велат од АХВ.
Оттаму дополнуваат дека дури и кога на декларацијата е наведена вистинската земја на производство, производот не смее преку својата визуелна комуникација да создава впечаток дека доаѓа од друга држава.
И ознаките за потекло се посебно регулирани
Според Правилникот за информации поврзани со храната, задолжителните информации, вклучително и податоците за земјата или местото на потекло кога тие се задолжителни, мора да бидат поставени на забележливо место, да бидат лесно видливи, јасно читливи и недвосмислени. Информациите не смеат да бидат сокриени или засенети со други текстови, фотографии или графички елементи.
Истовремено, правилникот пропишува дека означувањето на земјата на потекло е задолжително секогаш кога отсуството на таа информација или начинот на кој производот е претставен би можеле да го доведат потрошувачот во заблуда.
АХВ дополнително нагласува дека користењето географски називи, национални симболи, знамиња, фотографии, пејзажи, традиционални бои и други визуелни елементи не смее да создава впечаток дека производот потекнува од одредена држава или регион ако тоа не одговара на вистинското место на производство. Посебно се регулирани и заштитените географски ознаки и ознаките за потекло. Производ што не ги исполнува законските услови не смее да користи називи или симболи што асоцираат на заштитено географско потекло или на гарантиран квалитет поврзан со одреден регион.
„Користењето географски називи, традиционални асоцијации, национални симболи, знамиња, фотографии, пејзажи, бои, ознаки или други визуелни елементи кои кај потрошувачот создаваат впечаток дека производот потекнува од одредена држава или регион, не смее да биде декларирано на начин на кој што потрошувачот може да го доведе до заблуда, доколку производот реално потекнува или е произведен во друга држава или регион. Дополнително, користењето на заштитени географски ознаки, ознаки на потекло и гарантирани традиционални специјалитети е дозволено само во согласност со Законот за квалитетот на земјоделските производи и прописите донесени врз негова основа. Производ кој не ги исполнува условите за конкретна заштитена ознака не смее да користи називи, симболи или ознаки што би асоцирале на такво потекло или квалитет“, појаснуваат од АХВ.
Според Законот за квалитет на земјоделските производи, географските и традиционалните називи можат да бидат заштитени само доколку производот навистина потекнува од конкретно место, регион или држава и неговите карактеристики се директно поврзани со тоа подрачје.
За регистрацијата и доделувањето на заштитени ознаки за потекло, географски ознаки и гарантирани традиционални специјалитети, надлежно е Министерството за земјоделство, шумарство и водостопанство (МЗШВ), додека АХВ само ја врши контролата на означувањето и примената на прописите на пазарот.
Одговорноста за точните информации е на операторот
Прашањето дали амбалажата може да ги доведе потрошувачите во заблуда е едно од клучните прашања и во европското право за заштита на потрошувачите, каде што одамна се развиени стандарди за тоа како треба да изгледа и што смее да покажува еден прехранбен производ.
Во Европската унија важи принципот дека не се оценува само точноста на поединечна информација, туку и целокупниот впечаток што го остава производот врз таканаречениот „просечно информиран, разумно внимателен и претпазлив потрошувач“.
Во европската регулатива, особено преку Регулативата (ЕУ) 1169/2011 за информации за храната, јасно се утврдува дека информациите за храната не смеат да ги доведуваат потрошувачите во заблуда, особено во однос на земјата на потекло, својствата на храната и начинот на нејзино производство.
Оваа регулатива експлицитно се однесува и на визуелни елементи – како слики, симболи, бои и пакување – кои можат да создадат погрешен впечаток.
Во пракса, европските контролни тела во неколку држави имаат постапувано против производители токму поради тоа што амбалажата сугерирала географско потекло што не одговарало на реалноста, дури и кога декларацијата формално била точна.
Оваа Регулатива се смета за особено значајна затоа што строго ги пропишува и правилата за работа на оператерите со храна.
„Операторот со храна под чие име или трговско име храната се пласира на пазарот е одговорен за информациите за храната и мора да обезбеди тие информации да бидат присутни и точни во согласност со оваа регулатива. Задолжително е да се наведат, називот на храната, списокот на состојки, алергените, количината на одредени состојки, нето количината, рокот на траење, условите за чување и употреба, името и адресата на операторот со храна, земјата или местото на потекло кога е задолжително, упатството за употреба кога е потребно, алкохолната јачина (каде што е применливо) и нутритивната декларација“, се наведува во оваа европска регулатива.
Според Регулативата, операторите со храна кои не влијаат врз информациите за храната не смеат да снабдуваат храна за која знаат или претпоставуваат дека не е усогласена со барањата за информации за храната.
„Називот на храната, списокот на состојки, сите состојки или помошни средства кои предизвикуваат алергии или нетолеранции, количината на одредени состојки, нето количината, датумот на минимална трајност или рокот на употреба, условите за чување и/или употреба, името и адресата на операторот со храна, земјата или местото на потекло кога тоа е задолжително, упатството за употреба кога е потребно, алкохолната јачина кај пијалаци над 1,2 отсто алкохол и нутритивната декларација. Податоците за супстанции или производи што предизвикуваат алергии или нетолеранции мора да бидат наведени во списокот на состојки со јасно упатување на називот на супстанцијата или производот наведен во Анекс II. Називот на супстанцијата или производот наведен во Анекс II мора да биде јасно истакнат со вид на писмо што јасно се разликува од останатиот текст, на пример со различен фонт, стил или боја на позадината. Доколку нема список на состојки, информацијата за алергените мора да биде означена со зборот ‘содржи’, по што следува називот на супстанцијата или производот од Анекс II“, пишува во Регулативата 1169/2011 на Европската Унија.
МКД.мк веќе пишуваше кога амбалажата кажува едно, а декларацијата друго, кој проверува дали граѓаните купуваат во заблуда? Дополнително, МКД.мк веќе пишуваше и за казните за несовесните оператори со храна и дали и кој одговара во случај на прекршување на законот.
Искра Опетческа






