Таа посочи дека иницијативата беше поднесена уште на 23 март, но поради одолжување од страна на власта и Собранието, надзорната расправа, наместо во мај, се одржува дури денес.
„На 23 март поднесе иницијатива за потреба од одржување надзорна расправа затоа што се сомневавме во нефункционирањето, и тоа со жал можам да кажам целосно нефункционирање на Законот за употреба на македонскиот јазик, донесен во јануари 2024 година. На 7 април Комисијата за култура како матично и надлежно тело за одржување и организирање на оваа надзорна расправа одржа подготвителен состанок, на кој одлучи на 6 мај да се одржи надзорната расправа во однос на Законот за употреба на македонскиот јазик. Како што гледате, денес сме 6 јули, и дури денес е првиот ден од надзорната расправа во однос на неупотребата на овој закон“, рече Костадиновска-Стојчевска.
Таа посочи дека и покрај тоа што законот е донесен пред повеќе од една и пол година, неговите клучни одредби остануваат само на хартија, а Владата нема преземено суштински чекори за негова реална примена.
„Зошто ја поднесовме оваа иницијатива за надзорна расправа? Затоа што можам да ви ги прочитам сите членови по однос на кои не се постапува, меѓутоа тоа значи дека треба да ви го прочитам целиот закон. Освен именуваната директорка на 9 април 2025 година, една година и два месеци по донесување на законот, ништо друго во однос на овој закон не функционира. Видовме двајца инспектори, кои се вработени пред половина месец во самото Министерство за култура, кои треба допрва да поминат една цела година во однос на нивната подготовка за да може да прават надзор“, рече Костадиновска-Стојчевска.
Притоа Костадиновска-Стојчевска информира дека пратеничката група на СДСМ на расправата има повикано претставници на надлежните институции, академската заедница, стручната јавност и медиумскиот сектор, со цел да се утврди каде е застојот и кој ја сноси одговорноста за неспроведувањето на законот.
Воедно, таа упати јавен повик до сите поканети сведоци да го потврдат своето присуство за надзорната расправа да може да продолжи и да даде конкретни заклучоци.
„Дозволете ми денес да го искористам овој прес да апелирам до сите овие имиња што јас ги прочитав да го потврдат своето присуство за да можеме надзорната расправа да ја заклучиме по вториот ден, кој ќе го определиме заедно, се надевам, повторно со Комисијата, за да можеме да придонесеме овој закон да профункционира“.
Таа нагласи дека законот бил донесен по едногодишни јавни расправи и со широк политички консензус поради што е недозволиво институциите денес да го игнорираат и да не ги исполнуваат законските обврски.
„Овој е закон што по една година јавни расправи, се донесе со консензус во Собранието во јануари 2024 година и не заслужува ваков третман. Заслужува да функционира и заслужува, како што изјавиле од самото Министерство и култура и туризам, се извинувам, пред една година, дека со доследна примена ќе се зголеми интересот за студирање македонски јазик, ќе се пристапи кон вработување лектори по македонски јазик во сите државни институции и агенции, училишта, издавачки куќи и медиуми и, се разбира, најважно од сè, функционирање на Инспекторатот за македонски јазик“, рече Костадиновска-Стојчевска.
Според Костадиновска-Стојчевска, состојбата е особено загрижувачка затоа што и по повеќе од една година од донесувањето на законот, нема никакво суштинско поместување во неговата примена.
„Нема да речам да се продолжи да се имплементира, туку да се имплементира, бидејќи нема никакво поместување во однос на законот и неговите одредби во однос на неговото носење“, рече Костадиновска-Стојчевска.






