вторник, 7 јули 2026

Воената економија ги потресува руските банки

Русија ризикува „експлозивна“ банкарска криза бидејќи кредиторите го носат поголемиот дел од товарот на воената економија на земјата, предупредува извештај од европска државна разузнавачка агенција во кој имаше увид Ројтерс, додека Европската Унија подготвува низа нови санкции.

Фото: Епа

Објавено на

часот

Сподели

Иако руските банки во голема мера ги издржаа санкциите воведени од почетокот на руската инвазија на Украина во 2022 година, во јунскиот извештај се вели дека влошувањето на кредитниот квалитет и зголемувањето на задолженоста на домаќинствата создаваат „експлозивен“ ризик, токму кога ЕУ го подготвува својот 21-ви пакет санкции, кој сака да го финализира во јули, а се насочени кон банките и мрежите за криптовалути.

Бидејќи трошоците од четиригодишната војна со Украина ги празнат државните каси, Русија сè повеќе се потпира на банките за поддршка на компаниите. Во извештајот се вели дека ова ги оптоварува банките со ризици додека економијата се забавува.

Министерството за економија ја намали прогнозата за раст на бруто-домашниот производ за 2026 година на 0,4 проценти, од претходните 1,3 проценти, а за 2027 година на 1,4 проценти, од 2,8 проценти.

Во разузнавачкиот извештај, насловен како „Белешка за веројатноста за банкарска криза во Русија во 2026 година“, се наведува дека банките биле принудени да обезбедуваат субвенционирани кредити на одбранбени компании, купувачи на станови и други.

„Ситуацијата создава илузија за динамична економија која, всушност, крие експлозивна состојба што би можела да предизвика економски шок, како што е амбициозен пакет санкции против банките“, се вели во извештајот.

Кредитите за одбранбени фирми, регионални проекти поддржани од државата и сопственици на домови го зголемија износот на кредитот што можеби никогаш нема да биде вратен, велат авторите.

Исто така, се вели дека повеќе од 500.000 Руси прогласиле банкрот во 2025 година, што е речиси една третина повеќе од претходната година, додека државните програми охрабриле повеќе од 13 милиони Руси да земат најмалку три кредити истовремено.

ТОП ВЕСТИ

ПОСЛЕДНИ ВЕСТИ