среда, 8 јули 2026

Далиќ се збогува со хрватската репрезентација, веќе не е селектор

Златко Далиќ повеќе не е селектор на хрватската репрезентација, откако денеска јавно се повлече од функцијата. По болната елиминација на Мундијалот од Португалија и поразот од 2-1, хрватскиот стратег одлучи да не биде предводник на „коцкестите“, должност која ја имаше од 2017 година.

Објавено на

часот

Сподели

Со неговото заминување, се означува крајот на најдобрата ера во историјата на хрватскиот фудбал. Додека Далиќ беше селектор, Хрватска освои два медали на светските првенства, сребрен во Русија 2018 и бронзен во Катар 2022. Меѓу другото, Хрватска беше финалист во Лигата на нации во 2023 година. Во текот на неговата работа ја предводеше репрезентацијата на 111 натпревари и оствари 62 победи.

„Поддршката што ја добив во последните денови ме охрабри повторно да размислам за мојата одлука да заминам, но… време е. Колку и да чувствувам амбиција и желба да постигнам нови успеси со Хрватска, чувствувам дека ова е вистинскиот момент да ја завршам оваа неверојатна ера. Заминувам со полно срце и горд што придонесов за најголемите успеси на хрватскиот фудбал во историјата и им посакувам на мојот наследник, на хрватската репрезентација и на хрватскиот фудбал многу нови успеси во кои длабоко верувам“, заклучи Златко Далиќ.

Во меѓувреме хрватскиот фудбалски сојуз му се заблагодари за целиот негов ангажман и истакна дека неговото име засекогаш со златни букви ќе биде запишано во хрватската историја.

„Скромно пристигнување. Незаборавно патување. Гордо збогување. По речиси девет години, тренерот Златко Далиќ одлучи да ја заврши својата неверојатно успешна ера на чело на „Ватрените“. Тренеру, ти благодариме за сè – за победите, успесите, пласманите, медалите, единството, почитта и решителната борба за Хрватска на и надвор од теренот. Резултатите многу зборуваат за тоа каков тренер си, а почитта од твоите играчи, соработници и противници многу зборува за тоа каква личност си“, гласеше објавата на хрватскиот фудбалски сојуз.

По неговото заминување, се шпекулира за неговиот наследник, а засега првиот кандидат за новото поглавје е поранешниот селектор Славен Билиќ, кој ја предводеше селекцијата од 2006 до 2012 година.

ТОП ВЕСТИ

ПОСЛЕДНИ ВЕСТИ