Говорејќи за време на средбата со генералниот секретар на НАТО, Марк Руте, во Анкара, Трамп го обвини иранското раководство дека продолжило со нападите и покрај претходните договори.
„Им рековме: ‘Одете и одржете ги погребите’, а наместо тоа вчера почнаа да испукуваат ракети и да напаѓаат бродови. Затоа синоќа многу силно ги погодивме“, изјави Трамп.
Тој додаде дека американските напади биле „20 пати посилни“ од иранските одмазднички напади.
„Им реков дека на секој нивен напад ќе одговориме со наш напад. Но тие играат валкано и напаѓаат сè што ќе стигнат. Не ми се допаѓаат. Не ги сакам. Тоа се зли луѓе“, рече американскиот претседател.
Трамп, исто така, изјави дека САД „изгубиле многу време со Иран“ и дека Техеран требало многу порано да постигне мировен договор.
„Тоа се зли и болни луѓе. Тие се рак. А знаете што се прави со ракот? Треба да се отстрани што е можно порано“, порача тој.
На прашањето дали смета дека американско-иранското примирје е завршено, Трамп одговори потврдно.
„Тоа е многу интересно прашање. Според мене, завршено е. Не сакам повеќе да имам никаква работа со нив“, рече тој.
Додаде дека ќе разговара со американските преговарачи бидејќи, како што тврди, иранската страна сè уште сака да преговара.
„Што се однесува до мене, примирјето е завршено. Ќе разговарам со нашите преговарачи. Тие сакаат да преговараат, но според мене, разговорите со нив се само губење време. Ќе го денуклеаризираме Иран“, рече Трамп, додавајќи дека „не е задоволен од НАТО поради тоа што не сакаше да помогне во борбата против главниот спонзор на тероризмот – Иран“.
САД и Иран на 17 јуни потпишаа меморандум за разбирање со кој беше запрен воениот конфликт меѓу двете земји и се обврзаа на 60-дневен преговарачки период за постигнување конечен и траен мировен договор.
Но американската војска во текот на ноќта изведе „низа силни напади“ врз Иран, за кои соопшти дека се одговор на нападите врз бродови во Ормускиот Теснец.





