среда, 8 јули 2026

Левица повика на средба на опозицијата за Изборниот законик, СДСМ одбива

Левица ги повика опозициските партии в понеделник да се сретнат и да излезат со усогласен предлог за Изборниот законик. Овој предлог доаѓа откако ВМРО-ДПМНЕ ја повика опозицијата да дадат предлог за Изборниот законик, тие би го прифатиле само ако остане правото на дијаспората да гласа електронски или по пошта. За СДСМ и овој обид на ВМРО-ДПМНЕ е обид за грабеж на изборниот процес.

 

Објавено на

часот

Сподели

Левица предлага да се договори опозицијата за единствена позиција во преговорите со власта, да се прифати гласање по пошта за дијаспората само на претседателски избори, а за возврат да се воведе една изборна единица за парламентарните избори и да се постигне договор околу фер финансирање на изборните кампањи, особено за помалите партии.

СДСМ засега не го прифаќа овој компромис. Партијата останува на ставот дека Владата треба да ги повлече предлозите за гласањето на дијаспората и да поднесе нов текст во кој процедурите ќе ги регулира Државна изборна комисија со консензус.

За тоа дали има шанси да се оствари евентуална таква средба в понеделник, претседателот на СДСМ Венко Филипче за ТВ Сител изјави дека има шанси, ако има разум кај власта. „Очигледно дека нема. Има ризик изборите да бидат украдени. Се предлага целосно различен систем на гласање за дијаспората. Без механизам за контрола на тој процес. Како може да бидеме сигурни дека тие писма ќе бидат автентични и дека тој процес ќе биде контролиран. Може еден човек да испрати повеќе писма? Тие повикуваат на консензус, а тие што ја водат државата се одговорни за добро на државата. Овие промени предложени од власта укажуваат на можно лажирање на изборниот процес. Ние предлагаме до крајот на 2028 година, пред претседателските избори во 2029 година, работна група на експерти да предложи соодветен модел за гласање на дијаспората по пошта. Да се утврди моделот за ова гласање“, рече Филипче.

Во ЕУ, во 21 земја членка, има гласање по пошта. На ова постојано укажува и власта. Лидерот на владеачката партија ВМРО-ДПМНЕ Христијан Мицкоски предупреди дека времето брзо минува и дека доколку реформите, а тука се и измените во Изборниот законик, не се завршат до средината на јули, државата ризикува да изгуби сериозни финансиски средства во вредност од над четири милиони евра“.

Премиерот Мицкоски ги повика опозициските СДСМ и Левица да се усогласат околу измените на Изборниот законик, порачувајќи дека владејачкото мнозинство ќе го прифати секој текст што тие ќе го договорат, доколку во него се вклучени препораките на ОБСЕ/ОДИХР и гласањето на дијаспората.

Последните реакции на опозицијата премиерот ги оцени како „политичка гимнастика и естрада“ наменета за нивните поддржувачи. Тој потсети дека на измените на законикот се работело посветено со месеци во рамките на Собранието и дека текстот првично бил усогласен и потпишан од речиси сите партии.

„Сите пратенички групи работеа и усогласија текст. Текстот беше потпишан од сите, со исклучок на Левица, која рече – ‘ние сме за овој текст, но не сме со вас да се потпишеме заедно на овој предлог’. Потоа се појави СДСМ, која рече, ’ако тие така се однесуваат, и ние така ќе се однесуваме‘. И си најдоа причина зошто тоа да биде така. И едните и другите на отворена сцена се обидуваат од ова да направат естрада, што мене не ми се допаѓа зашто ни останува уште Изборниот законик“, рече Мицкоски.

Од СДСМ обвинуваат дека на премиерот Христијан Мицкоски и на ВМРО-ДПМНЕ не им се приоритет изборните реформи, ниту подобрувањето на Изборниот законик, туку создавање услови за изборни манипулации со гласовите од дијаспората.

Вчера пропадна уште еден обид политичките партии во Собранието да се договорат за измени на Изборниот законик, а најголемиот камен на сопнување стана начинот на гласање во дијаспората.

Поддршка за една изборна единица има и од Влен и од ДУИ, но не и од другите помали партии на Албанците во Македонија.

ТОП ВЕСТИ

ПОСЛЕДНИ ВЕСТИ