среда, 8 јули 2026

Си-ен-ен: Американските команданти ги игнорирале предупредувањата за застарени податоци пред нападот врз училиште во Иран

Високи американски воени команданти ги игнорирале предупредувањата дека разузнавачките информации за потенцијални цели во Иран се застарени и одобриле некои напади – вклучувајќи го и оној врз училиште во кој загинаа речиси 200 деца и возрасни, според три извори на Си-ен-ен запознаени со процесот на донесување одлуки.

Фото: Епа

Објавено на

часот

Сподели

Пораките во клучните воени бази на податоци укажуваат дека разузнавачките информации се базираат на информации стари со години и треба повторно да се проверат, објави Си-ен-ен. Се тврди дека овие пораки биле вградени во систем што се користи за избирање и развивање цели, а додавањето на одредена локација на списокот за напади барало одобрение од висок офицер, велат изворите.

Одлуката на високите воени команданти да ги игнорираат предупредувањата е донесена од причини на „итност“, изјавија два извори за Си-ен-ен, бидејќи на почетокот на војната се брзало да се обезбедат цели. Сепак, токму оваа одлука директно придонесе за грешката што доведе до нападот врз училиштето, додадоа изворите на медиумот.

Во нападот, според иранските државни медиуми, загинале најмалку 168 деца и 14 наставници. Доколку овие бројки се потврдат, нападот би бил еден од најсмртоносните инциденти со цивилни жртви во поновата историја на американските воени операции, тврди медиумот. Американската војска започна истрага неколку дена по нападот.

Американските воени претставници „знаеле во рок од неколку дена (по нападот врз училиштето) дека имало грешка“, изјавил еден од изворите.

Месеци подоцна, Пентагон сè уште не ги објави резултатите од истрагата за инцидентот.

Си-ен-ен објави дека деталите за тоа зошто биле користени застарени податоци, кои претходно не биле објавени, даваат нов увид во тоа како притисокот за подготовка на цели пред војната придонел за случајниот напад врз училиштето.

Нападот на 28 февруари врз училиштето „Шаџарех Тајиб“ во Минаб се случил додека американската војска напаѓала објект на Исламската револуционерна гарда (ИРГЦ), претходно објави Си-ен-ен. Првичната воена истрага покажа дека училиштето и базата на ИРГЦ некогаш биле дел од истиот комплекс.

Сепак, според овој медиум, снимките од 2016 година покажуваат дека е подигната ограда што го одделува училиштето од остатокот од базата и дека е изграден посебен влез за училиштето. Во декември 2025 година, на снимките беа прикажани десетици луѓе кои изгледаа како да си играат во училишниот двор.

Нападот се случи на првиот ден од американските операции против Иран, додека воените претставници и разузнавачките аналитичари се обидуваа да ги ажурираат податоците за илјадници локации откако Трамп одлучи да започне борбени операции. Аналитичарите не успеале да ги обноват сите релевантни записи во базите на податоци на Пентагон пред да започне нападот, велат изворите.

Поради тоа, разузнавачките информации за многу од целите додадени на списокот за напад биле стари повеќе од десет години, вклучувајќи информации за објект на ИРГЦ кој се наоѓал веднаш до основно училиште.

ТОП ВЕСТИ

ПОСЛЕДНИ ВЕСТИ