Како ВМРО-ДПМНЕ им порачуваме на СДС, Левица и ДУИ, како што се договорија да го блокираат, да седнат и да се договорат што сакаат од Изборниот законик, а како владејачко мнозинство ќе прифатиме сѐ што ќе побараат, само да се прошири и унапреди правото на глас и дијаспората да гласа по пошта или електронски.
Прво нека се договорат меѓу себе, сакаат една изборна единица, нека договорат и модел за финансирање, нека договорат и прифатлив начин за поплаките, а можат и да се договорат и да го изберат моделот за изјаснување, гласање, на дијаспората.
ВМРО-ДПМНЕ нема проблем да разговара за секое прашање што е важно за унапредување на политичкиот систем, за продолжување на реформите, за европската интеграција на државата и за интересите на сите граѓани, без разлика каде се наоѓаат.
Нашата определба е разговори и дијалог, а не блокади и сето она за што ќе се договорат овие опозициски партии и ќе го понудат до нас, ние тоа ќе го прифатиме. Демократското право на глас на македонските иселеници и Изборниот законик, воопшто, не смеат да бидат жртви на дневнополитички калкулации.
ВМРО-ДПМНЕ е подготвено веднаш да седне на маса и да разговара во интерес на државата и на сите нејзини граѓани, доколку СДС, Левица и ДУИ изградат единствен став и покажат искрена волја за договор“, соопшти ВМРО-ДПМНЕ.





