Во организација и под покровителство на групацијата „Стрип Центар-стрипот може“ од Велес младите македонски стрип–таленти: студентката Ангела Петрушевска и средношколците Јасмина Јовчевска и Андреј Јовановски од денеска до 13 јули ќе творат со врвни балкански и светски стрип автори учесници на 14-та Меѓународна стрип колонија во Јошаничка Бања, Србија.
Како што информира Томе Трајков претседателот на оваа групација, годинава, традиционалната 14-та Меѓународна стрип-колонија во Рашка прераснува во нов, проширен формат како дел од првиот Фестивал на стрип „Инкубатор“.
„Оваа престижна уметничка манифестација, која со години ги поврзува младите таленти и искусните автори од разни земји, ветува богата петдневна програма исполнета со работилници, промоции и изложби. За трите млади македонски надежи ова ќе биде бесценето искуство за нивниот уметнички развој. Тие ќе имаат уникатна можност директно во живо да творат и да учат од докажани авторитети во деветтата уметност-стрипот“, најави Трајков.
Тој додава дека годинешната програма на фестивалот е исклучително атрактивна за публиката и учесниците. Воедно списокот на едукатори покрај еминентните предавачи се надополнува и со познатиот професор Владимир Весовиќ од Белград, кој со децении ја негува новата стрип-генерација на Балканот.
Свечено отворање на фестивалот е вечер (20:30 ч.) во Јошаничка бања, Рашка, со промоција на деветтиот број на реномираната стрип-ревија „Rascomic“ на уредникот Горан Трајковиќ.
Утре – петок на програмата се интензивни стрип-работилници водени од познатите илустратори Љиљана Стризе Трајковиќ од Врање, Драган Стокиќ Рајачки од Заечар и Дарко Стојановиќ од Белград
На 11 јули во сабота е Централна изложба во Бањскиот комплекс со промоција на стрипот „Skupljači perja rano lete“, по што ќе следува голем славенички концерт на познатиот репер Вуду Попај (Vudu Popaj) кој прославува 30 години на сцената.
На 12 јули во недела е ексклузивното стручно предавање на светски познатиот илустратор и визуелен уметник, Бобан Савиќ Гето.
Настанот е поддржан од Општина Рашка, Центарот за култура „Градац“, Клубот на ликовни уметници „Рашка школа“ и Канцеларијата за млади.
Инаку делата што македонските млади стрип таленти ќе ги создадат за време на колонијата традиционално ќе бидат презентирани пред регионалната јавност заедно со учесниците од другите земји.
Трајков потенцира дека со тоа уште еднаш ќе се потврди силниот креативен мост меѓу младите стрип уметници од земјите на Балканот меѓу кои и од Македонија.





