четврток, 9 јули 2026

Помина првото читање на пакетот закони за високо образование

Членовите на собраниската Комисија за образование, наука и спорт попладнево на седница ги прифатија во прво читање предлог-законите за високото образование, за  обезбедување квалитет во високото образование и за научноистражувачката дејност, со заклучок да се проследат во натамошно читање.

Објавено на

часот

Сподели

Пакетот-закони го претстави заменик-министерот за образование и наука, Дритон Сулејмани, кој појасни дека тие се значаен дел од Стратегијата за 2026–2032.

„Сакаме да ги оспособиме студентите да се развијат не само во избраните професии, туку и како одговорни членови на општеството. Високото образование е столб на академското усовршување, поттикнувајќи го критичкото размислување, научното истражување, кои ги зголемуваат границите на знаењето“, истакна Сулејмани.

Доброто владеење, нагласи тој, обезбедува универзитетот да ги зачува високите академски стандарди за студентите. Етиката, транспарентноста и академскиот интегритет се главен предуслов за квалитет. Функционирањето на системот за високо образование е за доброто на општеството, предавачите и академската заедница.

Заменик-министерот појасни дека предложените законски решенија ги надминуваат недостатоците од претходните закони од 2000, 2008 и 2018 година и во нив се вметнати препораките од Болоњскиот процес.

„Препораките од Болоњскиот процес не се спроведени на соодветно ниво во законот во 2018 година. Потребни се дополнителни напори за да се даде одговор на овие прашања и предизвици, нешто што ќе се реализира со помош на овие три предлог-закони. Во нив се опфатени карактеристичните избори на други земји кои го спроведуваат Болоњскиот процес и споредба на нашиот систем, како и неговиот потенцијал во моментот“, истакна Сулејмани.

​Една од позначајните промени во Законот за високото образование, нагласи, е отворен пат за премин од професионални квалификации во академски квалификации и обратно, студиски програми организирани по модули, можност за високо дуално образование,  практична настава во високото образование од 20 до 40 проценти, ограничување на учењето од дистанца на 10 проценти, микросертификати за подобрување и оспособување на можностите, двојни дипломи и заеднички дипломи за побогати квалификации, запишување во високото образование со државна матура – професионална или уметничка, пристап до уредени професии само со статус на редовен студент.

„Во овој случај, некои од профилите, односно студиските програми, овозможуваат да се помине само ако студентите се запишани како редовни. Опфаќа и мерки со кои некои програми кои се оценуваат како државен интерес за нас, ќе може да се реализираат само од јавните универзитети“, истакна Сулејмани, додавајќи дека новото законско решение предвидува и универзитетски совет за отчетност, одговорност, академска интегрираност за зголемување на довербата во високото образование, директен избор на ректор…

Членовите на Комисијата изнесоа забелешки ​во однос на предлог-законот, нагласувајќи дека законското решение е по редовна постапка и оти има доволно време за отстранување на недостатоците преку амандмани.

Пратеничката Бисера Костадиновска-Стојчевска СДСМ истакна дека има забелешки кои, според неа, задираат во долгогодишните традиции на многу факултети. Како пратеник, но и како вработена на Педагошкиот факултет во Битола, се осврна на делот со бришењето вонредните студенти од педагошките факултети.

„​Ние имавме како пратеници еден допис од педагошките факултети каде што стои дека студентот запишан на академски студии и програми на медицина, за медицински сестри, акушерки, стоматологија, ветерина, фармација, архитектура, градежништво и студиските програми за образование на наставници е само со статусот на редовен студент. Како и, ќе кажам слободно, мојот Педагошки факултет, така и Педагошкиот факултет во Скопје, во Тетово и во Штип, се факултети прераснати од учителски школи, односно од оние, од најстарата и најблагородната професија, не дека другите се помалку важни. И ние имаме воспоставено механизам како тоа да изгледа и како редовен и како вонреден студент“, рече Костадиновска Стојчевска, подвлекувајќи дека праксата и за редовен и за вонреден студент е задолжителна.

Во предлот законот, како што додаде, се зголемуваат ингеренциите на министерот и на Министерството и оти се упаѓа и во финансиската слобода на универзитетите. Во однос на членот 81, каде што се зборува за извештај на ректорот, посочи дека целосно му е избришана можноста на ректорот доколку не му е усвоен извештајот, тој да каже како дошло до таа состојба којашто се наоѓа во извештајот, туку директно му се прекинува мандатот, работното место.

Пратеникот Халил Снопче од Алијанса за Албанците и универзитетски професор смета дека легализацијата на комерцијалните мерења како правна норма, вметнување во законот на Web of Science, на Scopus, на АРВУ и H-index, ќе има сериозни практични последици.

„Овие системи се последица, односно продукт на приватни комерцијални компании. Нивните критериуми се менуваат и може да се менуваат без никаква демократска контрола, без парламентарна постапка и без јавна транспарентност. Тоа значи дека ние сме донеле закон, а законот може да се смени без никаква одлука“, рече Снопче.

Во однос на библиометриката, забележа дека би биле единствената земја што е кодифицирана законски. Библиометриката, нагласи, нема логика да има вредност како законски критериум, тоа може да се користи како алатка.

Пратеничката Даниела Николова од СДСМ забележа дека предложениот закон укажува на недоверба кон универзитетите.
„Не им верува дека универзитетите можат сами да ги определуваат своите критериуми и дека може да носат сами одлуки. Исто така не му верува на универзитетот дека тој може да создава самиот политики за сопствен развој. И тоа се навистина сериозни проблеми коишто се забележуваат во овој закон. И зад  зборовите „квалитет“ и „реформа“, постепено гледаме дека се гради еден поцентрализиран систем, што воопшто не ме изненадува, бидејќи Министерството за образование неколку закони по ред коишто ги поднесува, подразбира еден поцентрализиран систем отколку она што беше во претходните закони“, рече Николова.

Пратеничката Рина Ајдари од ДУИ констатираше дека предлог-законите не се во согласност со Уставот ниту со европските стандарди.

ТОП ВЕСТИ

ПОСЛЕДНИ ВЕСТИ